Боки се закани дека ќе ја отвори Пандорината кутија: Немате докази, видовме само сензација

4

Бојан Јовановски, првообвинет во предметот „Рекет“ се закани во судницата дека од денеска ќе ја отворел Пандорината кутија затоа што досега пред судот не биле изнесени докази, туку само сензација.

– Барам јавноста да не биде исклучена – рече Јовановски кој образложи дека сака да го обелодени својот однос со Зоран Милевски Кичеец, иако претходно судијката кажа дека во еден дел од изведувањето на доказите од снимениот материјал на Кичеец јавноста ќе биде исклучена.

Во текот на целото рочиште денеска кое почна во 10, 30 часот има реакции од одбраната на обвинетиот Јовановски, но и од адвокатите на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева дека аудио снимките што како докази ги изведува обвинителството на Вилма Русковска не само што се со лош квалитет, туку и не се во контекст на обвинението за предметот „Рекет“, немаат ниту датум, ни време, ниту пак е јасно кој се е вклучен во разговорите.

Тоа адвокатот Сашо Дуковски, го повторуваше речиси после секоја пуштена аудио снимка, а реагираа и адвокатите на Јанева, Ирена Фрчкоска и Дељо Кадиев кој приговараше и кога беше пуштена снимка во која Боки договара оперативен зафат за Јанева, кој наместо во клиниката „Жан Митрев“, да се изврши во „Систина“, ама да не дознаат новинарите затоа што во тоа време Камчев е осомничен од страна на СЈО во предметот „Империја“. Кадиев на ова реагираше затоа што се обелодени снимка во која се разговара за здравствената состојба на Јанева.

Во една од снимките што до Русковска ги доставил сведокот Камчев, а која беше пуштена во судницата денеска, Боки го информира дека „предметот „Империја” е многу обемен“ и дека обвинителката Лиле Стефанова, школски го сработила. На ова бизнисменот Камчев реагира дека нема криминал и дека СЈО е формирано за политички цели.

– Доказите на Лиле Стефанова и се за во Радовиш. Ти гарантирам дека нема криминал, ниту даночно затајување. Каде е оштетeна државата? Никој не може да не убеди дека сме правеле криминал. Дали СЈО било формирано за да се занимава со стечај на Орка од 2002 година? СЈО е формирано за политичка цел, да падне Груевски од власт. Не е за Камчев и Панделевски – вели бизнисменот Камчев кој е сведок во „Рекет“.

Судењето продолжува утре, а се очекува да биде презентирана и третата снимка од УСБ – то на Кичеец, но во отсуство на јавноста.