Болен од ковид-19 избегал од „8 септември“, полиција го вратила во болницата

23

Пациент болен од ковид-19 синоќа побегнал од ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ во Скопје, пишува „360 Степени“.

Директорот на болницата д-р Христијан Костов за „360 степени“ го потврди инцидентот. Вели дека станува збор за бездомно лице кое откако било потврдено дека е позитивно на вирусот, избегало од болницата. Од таму го пријавиле случајот во полиција и пациентот бил вратен во ковид-центарот.

„Бездомникот е најден во лоша состојба и донесен со Брза помош. Стапено е во контакт со социјалните служби за да се обезбеди здравствено осигурување и документи за идентификација, со цел да му помогнеме да се лекува. После приемот направени се анализи и дијагностички процедури според протоколите за ковид-19. Направен е ПЦР тест и е потврден дека е позитивен на ковид-19. Испитани се белите дробови и се утврди ковид плевмонија. Веднаш после тоа го ставивме во делот за ковид позитивни пациенти и му е одредена терапија. Дежурниот лекар и медицинскиот персонал увидел дека пациентот бил доста немирен, шетал по одделот и повеќе пати бил предупреден и вратен во болничката соба, но вечерта околу 9 часот успеал да излезе од одделот и да ја напушти болницата. Дежурниот пероснал веднаш изреагирал и со известување до МВР пациентот е пронајден. Тој е вратен кај нас во болницата и е продолжено неговото лекување. Во моментов е во добра состојба“,вели Костов за „360 Степени“.

Од МВР за „360 Степени“ велат дека станува збор за пациент од Куманово, кој бил вратен во болницата во 2 часот по полноќ.

„На 06.10.2020 во 21.30 часот од ГОБ „8 Септември“ било пријавено дека од Ковид центарот избегал пациент Б.И. од Куманово. По преземени мерки и активности од страна на полициските службеници лицето било пронајдено околу 02.00 часот и вратено во болницата“, велат од МВР за „360 Степени“

Директорот на болницата вели не знае како пациентот успеал да избега од болницата, но верува дека нема простор за паника, бидејќи вели, лицето било најдено во близина на кругот на болницата.

„Не верувам дека имал контакти со некои луѓе. Знаете, ние не сме затвор, вратата се заклучува, но некако успеал да избега. Сигурно насилно ја отворил“,вели Костов.

Директорот на болницата вели и претходно имало случаи пациенти да побегнат, со цел да не ги платат трошоците за лекувањето. Но, ова е прв случај на бегство на пациент болен од ковид-19.

Тесктот е превземен од „360 Степени“.