Бочварски: Северна Македонија е силно посветена на доизградба на железничкиот Коридор 8

0

Продлабочување на економската соработка и железничко поврзување помеѓу Северна Македонија и Бугарија, беше главна тема на денешната средба помеѓу министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и бугарскиот заменик министерот за транспорт и врски Красимир Папукчиски.

Како што информираа од Министерството за транспорт и врски, Бочварски и Папукчиски разговараа за инфраструктурните проекти што се реализираат на регионално ниво, со посебен акцент на железничкото поврзување помеѓу двете земји.

Министерот Бочварски потенцира дека Северна Македонија е силно посветена на доизградба на железничкиот Коридор 8, процес кој е дел од интеграцијата на транспортниот систем на земјата во Европските коридори.

На средбата се отвори и прашањето за изградба на железничкиот тунел, кој ќе ги поврзува двете земји на граничниот премин Деве Баир, како и за отворање на новиот граничен премин Клепало.

Двете страни се заложија да се интензивира работата на меѓудржавната Комисија за поефикасна реализација на инфраструктурните проекти.

На крај, Бочварски ја потврди значајната соработката меѓу Северна Македонија и Бугарија и ја нагласи потребата од одржување и продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји.