Бојмацалиев од Куманово: Полицијата подготвена изборите да се спроведат безбедно

2

На подрачјето на Куманово нема поголеми нарушувања на изборниот процес, информираше денеска дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев по гласањето.

Полицијата е присутна на терен, регистрирани се агитирања пред изборно место и пренесување на гласачи од едно до друго место.

– На територија на Куманово поточно немаме поголеми нарушувања на изборниот процес, има неколку пријавувања за пренесување лица од едно до друго место за гласање, агитирање пред избирачко место. Ова е вообичаено за сите избори во минатото, полицијата има постапено ги процесуираме и на крајот од денот очекуваме изборите да завршат безбедно и мирно, бидејќи сепак сме земја членка на НАТО, земја која претендира да биде дел од ЕУ и е добро да покажеме на овие избори како граѓани дека сме на добар пат, а ние како полиција да покажеме уште еднаш дека од 2017 до денеска дека професионално ги извршуваме службените должности, изјави Бојмацалиев.

Тој потсети дека претходниот период ги посетил сите полициски станици, објекти, полицијата е подготвена изборите да се одржат безбедно, граѓаните слободно да гласаат.

– Она што можам да кажам е дека во изминатите 100 дена од техничката влада ги посетив сите полициски станици, полициски објекти ширум државата, констатиравме дека полицијата е спремна изборите ќе се одржат безбедно, граѓаните слободно ќе гласаат.