Бразил ќе го брани златото: „Кариоките“ во пенал рулетот подобри од Мексико

4

Фудбалската репрезентација на Бразил ќе го брани златото освоено на Игрите во Рио де Жанеиро, откако во првото полуфинале во Токио го совлада Мексико по подобро изведување на пенали со 4:1, откако натпреварот во регуларниот дел и по продолженијата заврши без голови.

Ова ќе биде трето финале по ред за Бразил на Олимписките игри, а во битката за своето второ злато ќе игра со подобриот од второто полуфинале во кое играат Шпанија и Јапонија.

Во пенал рулетот, Бразил преку Дани Алвеш, Габриел Мартинели, Бруно Гимараше и Реиниер ги погоди сите пенали. Кај Мексиканците прецизен беше само Родригез, додека Агуре и Васкез не беа прецизни.

Бразилците и во регуларниот дел и во продолженијата беа подобар противник, имаа повеќе шанси кои не ги реализираа. Во првото полувреме не беа прецизни Гилјерме Аран и Дани Алвеш, додека Ричарлисон во второто полувреме ја погоди стативата. Најдобрата шанса за Мексико ја имаше Уриел Антуња, но неговиот шут го запре голманот на Бразил, Сантос.