Брисел подготвува план земјите-членки да можат да ги прекинат преговорите за пристапување во ЕУ

50

Ветувањето поголема јасност може да биде привлечно за шесте земји од Западен Балкан што долго време сакаат да влезат во ЕУ, но тие исто така веројатно ќе бидат загрижени дека планот ќе ја зголеми можноста пристапувањето да им биде забрането, вели Фајненшл тајмс.

Брисел има осмислено план да го направи поефикасен хаотичниот процес на проширување на ЕУ и на земјите-членки им дава посилни овластувања да ги прекинат или да ги вратат назад разговорите за пристапување, како одговор на загриженоста во Париз и другите престолнини.

Нацрт-планот, утврден во документ до кој дошол Фајненшл тајмс, бил поттикнат од контроверзната одлука предводена од Франција да ги спречи Северна Македонија и Албанија да ги почнат преговорите за влез во блокот.

Документот на Европската комисија, кој треба да биде објавен оваа недела, претставува темел за една потенцијална битка помеѓу земјите членки на ЕУ околу тоа дали да им се даде на Скопје и Тирана зелено светло за преговори за пристапување.

Владата на Северна Македонија се соочува со сериозен предизвик на изборите во април од евроскептичните противници, вели ФТ, кои велат дека ЕУ ја предала земјата и покрај тоа што оваа ги исполнила барањата од блокот, меѓу кои и промена на името.

Во нацрт-планот на комисијата за проширувањето се истакнуваат „силните повици“ од земјите членки, како и од аспирантите од Западен Балкан за членство во ЕУ, за поголема јасност за тоа што очекува блокот од кандидатите и кои се последиците од исполнувањето или неисполнувањето на тие тестови.

Се вели дека уназадувањето или одложувањето на неопходните реформи кај земјите-кандидати во преговорите за пристап би можеле да предизвикаат преговорите со најсериозните кандидати да се стават во мирување или да се суспендираат, или затворените поглавја од преговорите одново да се отвораат или да се почнат од почеток.

Документот исто така повикува на подобри стимуланси за успешните кандидати, како зголемено финансирање и инвестиции и поблиска интеграција со политиката на ЕУ, пазарите и програмите во областите каде што е постигнат напредок.

Европските функционери и дипломати истакнаа дека документот сè уште е предмет на дебата, вклучително и за тоа колку гласови на земјите-членки ќе бидат потребни за да се уназадат преговорите за проширување откако веќе ќе почнат. Правилата би се применувале за преговорите за пристапување почнати по усвојувањето на планот, а се разгледува идеја тука да се вклучат и бавните преговори што се водат со Србија од 2014 година и Црна Гора од 2012 година, доколку земјите го сакаат тоа.

Ветувањето поголема јасност може да биде привлечно за шесте земји од Западен Балкан што долго време сакаат да влезат во ЕУ, но тие исто така веројатно ќе бидат загрижени дека планот ќе ја зголеми можноста пристапувањето да им биде забрането.

Поддржувачите на каузата на Скопје, вели ФТ, се надеваат на пресврт во пет до дванаесет кај Емануел Макрон, францускиот претседател, на состанокот на лидерите на ЕУ следниот месец, по локалните анкети во Франција и непосредно пред изборите во Македонија. Но дипломатите предупредуваат дека изборните гласања во други земји што се скептични кон проширувањето – како Холандија, која оди на избори следната година – може дополнително да ја искомплицира дебатата.

Никола Димитров, македонскиот министер за надворешни работи, рече дека одлуката дали да се отворат преговори пред изборите во април во неговата земја, е „во суштина одговор на прашањето што сака Европа да прави со Балканот. Ако сака демократски и помирен регион, треба да ги оствари ветувањата кога земјите ќе спроведат тешки реформи и ќе решат долготрајни спорови.“ Тој рече дека секоја нова стратегија за проширување треба да се фокусира на капитализирање на проевропската политичка волја, која не треба да се зема здраво за готово.