Бродот што го блокираше Суецкиот канал почна да се движи

15

Товарниот брод Евер гивен, кој скоро една недела е заглавен во Суецкиот канал, почна да се движи, објави компанијата „Инчкејп шипинг“.

„Евер гивен утрово во 4.30 часот беше успешно вратен на својата соодветна позиција и моментално е безбеден“, соопшти компанијата на својот профил на Твитер.

Порталите за следење на поморскиот сообраќај покажуваат дека бродот од 200.000 тони се оддалечил од западната страна на каналот, еден од најголемите водени патишта во светот.

Долг колку четири фудбалски игралишта, товарниот брод што превезува товар помеѓу Азија и Европа, се насука во вторникот во тесниот вештачки канал што ја дели континентална Африка од Синајскиот полуостров.

Бродот престана да се движи низ каналот, каде што поминуваат повеќе од 10 проценти од меѓународната поморска трговија. Секој нов ден од блокадата предизвикува големи доцнења и трошоци за секторот.

Повеќе од 300 брода чекаат на двата краја на каналот што ги поврзува Црвено Море и Медитеранот.