Бугарската полиција го чува, затворот во Идризово го чека бегалецот Игор Спасов

20

Меѓу имињата на 517 лица осуденици од акцијата „Бегалец“ кои завршија зад решетки, се прави место и за името на Игор Спасов. Поранешниот специјалец осуден на затворска казна од 14 години за убиството на Мартин Нешковски вчера е фатен во Софија. Но, за бугарските правосудни органи да го предадат во Македонија која распиша меѓународна потерница, потребна е постапка. Спасов по апсењето ќе биде во екстрадициски притвор, а македонското Министерство за правда треба официјално да ја побара неговата екстрадиција и да почне постапка за негово враќање во затвор.

Екстрадиција на лице врз основа на распишана меѓународна потерница се дозволува за кривични дела за кои според домашното законодавство е пропишана казна затвор од најмалку една година.

Екстрадицијата се дозволува заради извршување на правосилно изречена ефективна казна затвор, доколку лицето кое се бара има да доиздржи казна од најмалку четири месеци.

Спасов има уште 8 години за доиздржување и тој спаѓа во втората група на дозволени екстрадиции бидејќи е правосилно осуден.

Но, за да биде донесен во државава, треба да се комплетираат документите, меѓу кои и правосилна судска пресуда, налог за упатување на издржување на казната затвор или упатен акт, наредба за издавање меѓународна потерница…

Ако биде одобрена екстрадицијата на Спасов, се прави договор за преземање на осудениот од договорено место на кое лицето се предава на македонската полиција, која под силни мерки на безбедност треба да го спроведе во затвор за доиздржување на затворската казна. Овие трошоци паѓаат на товар на Буџетот на Македонија.

Поранешниот специјалец беше фатен вчера околу 15 часот во Софија. Тој повеќе од една година се криеше од полицијата, а издржувањето на затворската казна го одложуваше со лекарска документација околу 2 години.

МКД.мк побара одговор од ОЈО Штип до каде е постапката за бегството на Спасов и дали некој ќе се гони за тоа, но одговор не добивме.

Обвинителството по допрен глас во почетокот на ноември 2019 година отвори предистражна постапка за овој предмет. Од тогаш, па сѐ до денес се испитува дали специјалецот користел лажна документација за болест за да го избегне одењето во затвор и на крајот на побегне.

Кога Спасов не се врати во затвор, од Основниот суд во Штип до затворот во Идризово немаше испратено никакво известување, иако за сите претходни прекини на издржување на затворската казна затворот уредно беше известуван од судот.

Последниот пат пред да побегне известување од судот немаше. Известувањето од таму стаса по неколку дена. Но опфатени беа постапувањата откако затворот Идризово ги известил дека Спасов не се вратил на доиздржување на затворската казна, ниту пак го оправдал своето отсуство.

На 30 октомври, 2019, МВР распиша потерница по Спасов.

Поранешен припадник на „Тигрите” беше осуден на 14 години затвор за убиството на Нешкоски што се случи на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година. Тој има досега отслужено шест години затвор.

Полицискиот поранешен специјалец тврдеше дека не го убил Нешкоски и дека е подготвен тоа да го докаже со полиграфско тестираше.

Спасов тврдеше дека на плоштадот бил службено и дека последен пат кога го видел Нешкоски тој бил жив.

Пред судот раскажа дека не го познавал Нешкоски и дека немал никаков мотив за да го убие.