Велика Британија купува уште 60 милиони дози од вакцината на „Фајзер“

8

Велика Британија ќе купи уште 60 милиони дози вакцини на „Фајзер/Бионтек“, соопшти британскиот министер за здравство Мет Хeнкок.

Со овој договор, Велика Британија за повеќе од двојно ќе ги зголеми резервите на вакцини, пред почетокот на унапредената програма за вакцинирање подоцна оваа година.

Досега, земјата нарача вкупно 100 милиони дози од вакцината на Фајзер, една од трите видови на вакцини што се користат во земјата.

Хенкок рече дека новата пратка вакцини е обезбедена за да се поддржи унапредената програма за вакцинација, која започнува на есен.

Тој истакна дека досега, најголем ризик за вакцинирањето во земјата била новата мутација на коронавирусот.

– Работиме на нашите планови за зајакнување на вакцините. Овие дополнителни 60 милиони дози ќе се користат, заедно со другите вакцини, како дел од нашата унапредена програма подоцна оваа година, за да можеме да го заштитиме напредокот што го постигнавме, рече Хенкок.

Агенцијата за јавно здравје на Англија соопшти дека сè уште треба да се разработат деталите за секоја унапредена програма за вакцинирање и нагласи дека таа ќе биде осмислена така што примарно ќе се имаат предвид новите мутации на коронавирусот.