(Видео) Саемот во Мадрид, Загрепска арена и арена „Армеец“ во Софија како болници

14

Конференцискиот центар ИФЕМА во Мадрид, Загрепска арена и арена „Армеец“ во Софија ќе бидат претворени во имровизирани болници за сместување на заболени лица со полесни симптоми од коронавирус. Ваквите потези на надлежните власти во Шпанија, во Хрватска и во Бугарија е во насока на ослободување на болничките капацитети за потешките случаи на инфицирани со Ковид-19.

„Со ова ја покажуваме нашата подготвеност. Загрепска арена е еден од секундарните центри за прием на пациенти. Такви центри ќе има и во другите градови“, рече Вили Берош, министер за здравство во хрватската Влада.

Регионалната Влада на Мадрид најави дека Конференцискиот центар ИФЕМА ќе го претвори во импровизирана болница со 5.500 кревети, бидејќи клиниките се соочуваат со недостиг на простор, медицински персонал и материјали.

„Најтешките денови се пред нас“, изјави на прес-конференција Фернандо Симон, началник на Итната служба.

Бројот на заболени во Шпанија вчера порасна за околу 20 отсто и стигна 20.500 лица, а досега починаа над 1.000 лица. Два хотела во Мадрид веќе се претворени во болници за лекување на заболени од коронавирусот.