Влада- приведено одговорното лице на скопскиот кафе бар Мош

26

Владата денеска преку сооштение информира дека околу 00:30 часот полицијата го привела М.Д. (41) од Скопје, кој бил задржано во полициска станица Центар. Од таму информираат дека лицето е приведено поради постоење основано сомнение дека, како одговорно лице, управител на ланч бар „Мош“ (улица „Дебарца“ во Скопје), сторил кривично дело – непостапување според здравствени прописи за време на епидемија- казниво по член 206, став 2 од КЗ на РСМ.

„ Лицето М.Д. не го применувал протоколот за отворање и работа на угостителски објекти за исхрана и протоколот за отворање на кафетерии, како и здравствените прописи за време на епидемија. Конкретно, организирал музички настан – концерт каде што помеѓу гостите не се почитувало дозволеното растојание од 1,5 до 2 метри и повеќето лица не носеле заштитни маски на лицето, и не биле исполнети и други одредби од пропишаните здравствени протоколи“, се наведува во владиното соопштение.

Во него пишува и дека претходната вечер поврзано со истиот угостителски објект, на барање и во координација со Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), полициски службеници во 19:30 часот, беа во ланч барот „Мош“ при што на одговорното лице М.Д. од страна на пазарните инспектори му беше укажано да ги почитува мерките од Уредбата на Владата на РСМ во врска со пандемијата на КОВИД-19, особено по однос на задолжителното физичко растојание на масите и носењето заштитни маски.

„Потоа во периодот од 21:00 до 23:00 часот повторно е извршена контрола на угостителскиот објект, при што се констатирани неправилности. Притоа, полициските службеници издадоа 38 платни налози на гости во локалот што не носеле заштитни маски, а од страна на ДПИ констатирано било дека не се почитува растојанието меѓу масите од 1,5 метар. Воедно, во истиот угостителски објект, околу 22:30 часот од страна на полицијата повикани се и претставници на Инспекторатот за животна средина од Oпштина Центар и извршено било мерење на бучавата во локалот. Притоа е констатирано дека таа била над дозволените граници, за што дополнително ќе биде доставена прекршочна пријава од Инспекторатот за животна средина“, наведува Владата.

Вчера на социјалните мрежи се споделуваше видео од забава во истиот кафе бар на која настапуваше српскиот поп пејач Владо Георгиев, а на која не се почитуваа мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.