Влошена епидемиолошката состојба во земјава, расте бројот на новозаразени и реинфекции

8

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во периодот од 10 до 16 јануари за една третина е зголемен бројот на нови случаи на ковид-19, споредено со претходната седмица кога биле дијагностицирани 11 123 лица позитивни на ковид, од 45 401 направени тестирања.

Од минатиот до понеделникот оваа недела, половина од заразените во земјава или 5 630 се од Скопје. Зголемување на бројот на заболени има кај сите возрасни групи, а најзастапена возрасна група кај инфицираните е од 30 до 39 години.

Во текот на минатата недела пријавени биле и 1 247 реинфекции, што споредено со неделата претходно е зголемување од 31,8 проценти.

Неделниот извештај на Институтот за јавно здравје покажува и дека во периодот од 10 до 16 јануари имало 55 смртни случаи од ковид-19, што е за 34,1 отсто повеќе од минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (22) и се луѓе над 60 години.

На болничко лекување, пак, се 439 лица што е една четвртина повеќе во споредба со претходна недела.

Омикрон сојот во земјава е откриен во седум градови и тоа Скопје, Кавадарци, Тетово, Охрид, Кочани, Велес и Гевгелија.

Бројката на новозаразени со ковид-19 надмина две илјади, позитивни се над 32 проценти од тестираните

Со новите 2 269 позитивни ковид случаи од последното деноноќие, од кои 1 169 се во Скопје, а 310 се реинфекции, дијагностицирани со коронавирус во земјава од почетокот на епидемијата достигна 247 663. Во моментов бројот на активни случаи има 17 218 и од нив 9 167 се во главниот град. Четирицифрен број активни има Битола (1 516), речиси илјада (960) се во Прилеп, а над триста имаат Куманово (662), Охрид (548), Кавадарци (426),Струмица (345) и Велес (327).