ВМРО-ДПМНЕ ќе бара поддршка за резолуцијата и од албанските политички партии

16

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе продолжат со средбите со колеги од останатите пратенички групи во Собранието, со цел да добијат поширок консензус за поддршка за резолуцијата, која ќе ја поднесат до законодавниот дом. Тие ќе се сретнат со пратеници од политичките партии Алијанса на Албанците – Алтернатива и ДУИ.

Вчера стана јасно дека македонските парламентарни партии ќе ја прифатат Предлог-резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ што ги дефинира државните позиции за евроинтеграциите, но и позициите по однос на било какви негирања на македонскиот јазичен, културен или национален идентитет. ВМРО-ДПМНE бара Резолуцијата да биде со уставното име. Своја поддршка за предлог документот даде и пратеникот и портпарол на СДСМ, Коста Костадинов, а предлог резолуцијата ја поддржаа и пратениците од ДОМ, ЛДП и Демократскиот сојуз.

Претходно, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кажа дека резолуцијата би имала обврзувачко дејство согласно волјата на пратениците, а за Владата би значело оцртување во кои рамки смее таа да разговара, но со почитување на црвените линии во кои се содржани националните и државните интереси.

„Во самата резолуција се содржани дефинициите и јавно, повторувам и јавно декларираните ставови на МАНУ, најстариот универзитет УКИМ И МПЦ ОА-Јустинијана Прима за јазикот и идентитетот. Она што го нудиме не е авторски текст на ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа што го дефинирале највисоките научни и општествени авторитети како заеднички државен и национален интерес“, рече Мицкоски.

За македонскиот идентитет во резолуцијата се наведува дека тој го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор, а споделените места на меморијата на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата.