Воз падна врз автомобили откако се урна надземен премин од метрото во Мексико Сити, најмалку 15 мртви

10

Најмалку 15 луѓе загинаа откако се урна издигнат дел од метрото во Мексико Сити, при што возот падна врз автомобили на прометна сообраќајница. Официјални лица кажаа дека има и најмалку 70 повредени.

Градоначалничката Клаудија Шајнбаум изјави дека 34-ца од повредените се хоспитализирани, но и дека сè уште има доста заглавени патници во возот, кој се распадна на два дела и остана да виси од надземниот премин. Тој се издигнува пет метри над улица во јужниот дел од градот.

„Потпорен столб пукна токму во моментите кога поминуваше возот. Не знаеме дали заглавените патници во возот се живи“, изјави Шајнбаум.

Стотици полицајци и пожарникари го окружија местото на несреќата во населбата Тлахуак, додека роднини и пријатели на лицата за кои се верува дека се во возот се обидуваа да се пробијат.

„Во 22:50 часот изгубив контакт со моја пријателка, која е во шести месец од бременоста“, изјави еден 26-годишник.

Несреќата се случи на една од најновите метро линии во Мексико Сити. Како и голем број други линии, и оваа делумно поминува преку издигнати бетонски структури.