Во осум града во земјава нема активни случаи со Ковид-19

15

Според вчерашните податоци на Институтот за јавно здравје ,во земјава има 672 активни случаи на Ковид-19, при што во осум градови нема ниту еден инфициран со корона вирусот. Во останатите градови, со исклучок на Скопје и Битола, каде има 317, односно 146 активни случаи, во осум града бројот на инфицирани со Ковид-19 се движи меѓу 11 и 26, а во дури 17 градови има едноцифрен број на заболени.

Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 139 нови случаи на Ковид-19 од извршени 1.424 тестови, што претставува стапка од 9,76 отсто од вкупниот број тестирани. Од 139-те нови случаи, 25 се реинфекции.

Вчера не беа регистрирани починати лица, но во Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од Мој Термин дополнително беше впишано 73-годишно лице од Скопје, кое починало на 1 мај. Со ова, вкупниот број на почината лица од почетокот на епидемијата во земјава пред повеќе од две години достигна 9.284 лица.

 

Во меѓувреме, Светската здравствена организација (СЗО) вчера соопшти дека според нивните проценки како последици на инфицираност со корона вирусот ширум светот починале речиси 15 милиони лица, што е 13 отсто повеќе смртни случаи од очекуваното.

Ова е за дополнителни 9,5 милиони смртни случаи повеќе од официјално пријавените 5,4 милиони починати. Овие пресметки ги земаат предвид и смртните случаи кои не биле директна последица на Ковид-19, туку биле предизвикани од неговите негативни ефекти, како што е неможноста да пристапат до болниците.

Критериумот на пребројување на СЗО се нарекува „вишок на смртни случаи“, односно колку луѓе починале повеќе отколку што инаку би се очекувало врз основа на смртноста во истата област пред да се појави пандемијата.

 

– Тоа е неверојатна бројка и за нас е важно да им оддадеме почит на изгубените животи и треба да бараме одговорност од креаторите на политиките, изјави шефицата на Одделот за податоци на СЗО, Самира Асма.

Според СЗО, земји со најголем број „вишок на смртни случаи“ се Индија, Русија, Индонезија, САД, Бразил, Мексико и Перу. Но, „вишок на смртност“ е регистриран и во развиените земји како Велика Британија, САД, Шпанија и Германија, каде смртноста била над светскиот просек во 2020 и 2021 година.

Според податоците на интернет-страницата „Ворлдометерс“, најголем број на починати од Ковид-19 има во САД, каде за 27 месеци откако беше потврден првиот случај на заразата, од корона вирусот починале над еден милион лица. По САД, најмногу починати од Ковид-19 има Бразил – повеќе од 600.000 лица, а на третото место е Индија со повеќе од половина милион смртни случаи.