Во САД има пандемија на ковид-19 меѓу невакцинираните, вели д-р Ентони Фаучи

4

САД се движат во погрешна насока во пандемијата на коронавирусот бидејќи заразата се шири меѓу невакцинираните, предупреди водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи. Тој вели дека делта сојот придонесува за голем број заразени во областите со ниско ниво на имунизација и додаде дека здравствените власти размислуваат да ја вратат мерката за носење маска и за вакцинираните.

„Се разгледува и опцијата ранливите категории да се вакцинираат со уште една доза“, изјави Фаучи.

Тој ја опиша ситуацијата во САД како пандемија меѓу невакцинираните.

Повеќе од 162 милиони луѓе, односно 49% од населението во САД досега е целосно вакцинирано. Земјата беше светски лидер во вакцинирањето до април, кога тоа почна да забавува. Нивото на вакцинирање е особено ниско во јужните сојузни држави, каде што на некои места помалку од половина од жителите имаат примено една доза. Во мај и јуни, во САД повторно беше забележано зголемување на дневниот број на новозаразени, што главно се припишуваше на попреносливиот делта сој.

Здравствените власти неодамна кажаа дека 99,5% од смртните случаи од ковид-19 се меѓу невакцинираните луѓе.