Во Чешка од денеска секаде мора да се носи маска откако стигна до 12.000 нови случаи на коронавирус

19

Чешка од денеска воведува задолжително носење заштитна маска на отворено, па дури и во автомобили, поради драматичната ситуација со коронавирусот. Во изминатите 24 часа, во земјата се потврдени 11.984 нови случаи на зараза, што претставува нов дневен рекорд, додека вкупната бројка заразени од почетокот на епидемијата се ближи кон 200.000.

Министерот за здравство Роман Примула кажа дека маските ќе бидат задолжителни во сите урбани области, откако тие досега мораа да се носат само во јавен превоз и во затворени простори. Исклучок ќе бидат децата помлади од две години.

Чешка беше една од првите земји на светот која во првиот бран на коронавирусот воведе строги правила во врска со маските. Тие не беа популарни, но се покажаа ефективни, па во првиот бран рекордот во еден ден беше 408 новозаразени.

Сепак, откако ја стави епидемијата под контрола, Чешка летоска почна да ги олеснува рестрикциите, па маските останаа задолжителни само во метрото во Прага и на некои специфични места.

Додека бројот на заразени повторно растеше на крајот на летото, премиерот Бабиш долго време одбиваше повторно да воведе задолжително носење маска, па Чешка денес има повеќе заразени на еден милион жители од која било поголема земја на светот.