Вучевиќ: Најавата на Курти дека со сила ќе ги отстрани барикадите е општа закана за Србите

16

Министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ, денеска изјави дека најавата на косовскиот премиер Албин Кури дека по секоја цена ќе ги отстрани барикадите на северот на Косово е „општа закана за Србите, особено на оние кои живеат на Косово и Метохија, и закана за Србија“, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучевиќ за РТС оцени и дека тоа е и „јасна порака на Курти, дека не го интересираат човечки жртви, за да се отстранат барикадите“.

– Ваквата изјава е опасна затоа што покажува дека Курти не се откажува од спроведување терор врз Србите, насилство и постигнување на крајната цел – Србите да ги напуштат своите огништа. Курти сака да претстави дека само тие бариери се проблем, а дека сè друго е идеално, па кога тие ќе ги отстранат, без разлика колку луѓе треба да страдаат од едната и од другата страна, потоа се ќе биде идеално, изјави Вучевиќ.

Тој кажа дека до сега „немало никакви физички контакти и дека немало напади врз српската заедница“ и додаде дека Србите од северот на Косово 12 дена се борат за своите права блокирајќи ги патиштата.

– Србите на демократски начин се борат за своите човекови права и слободи, рече Вучевиќ.

Тој порача и дека Србија ќе направи „сè што е во нејзина моќ“ за да се надмине кризата.