Вучиќ по средбата со патријархот Порфириј: Целта им е да ги протераат непослушните Срби од Косово засекогаш

16

 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата со српскиот патријарх Порфириј изјави дека дури и да се смири моменталната ситуација во Косово нешто ново ќе се случи за 15 или 30 дена бидејќи целта на Приштина е „да ја избрка Србија од Косово и Метохија засекогаш, како и непослушниот српски народ“.

Затоа, посочи тој, се случува криминализација на Србите.

„Со оглед на геополитичката ситуација, како и фактот дека сакаат да не скршат и да нè здробат поради ситуацијата со Русија и Украина, не сомневајте се дека тоа ќе продолжи. Не сум сигурен дека ќе успееме да го надминеме бидејќи ние разговараме со некој што не сака да слуша никаков аргумент“,рече Вучиќ и ѝ порача на Приштина да не апси луѓе само затоа што не ги сакаат.

Според неговите зборови, во тек се разговори со меѓународни претставници.

„Се обидуваме да го зачуваме мирот, да се бориме за мир, да постигнеме компромисно решение. Тие хистерични закани значат дека (премиерот на привремените институции на Приштина Албин) Курти ќе нè нападне, дека нема да добиеме ништо… разбравме и од најавата за патријархот, срам да ви е, без разлика на сè. Ќе продолжиме да се бориме за мир, да наоѓаме компромисни решенија“, рече Вучиќ.

Тој повтори дека синоќа разговарал со Србите од Косово и Метохија и дека е подготвен во секој момент да оди во Рашка или Куршумлија за повторно да разговара со нив, за Србите да ги прослават божиќните празници во своите домови.

„Ќе видиме дали ќе добиеме прозорец низ кој ќе можеме да се протнеме“,рече тој.

Вучиќ им се заблагодари на Република Српска и Милорад Додик за поддршката на Србија и народот, како и на патријархот Порфириј „за утешните зборови и молитвите за поддршка и помош за нашиот народ“.

„Ги поздравувам нашите луѓе во Косово и Србија и што и да прават, Србија е со нив. Нема предавање, Србија е со вас“,рече Вучиќ.

Патријархот на СПЦ, Порфириј, изјави дека ситуацијата на Косово и Метохија е многу сериозна и дека тензиите дошле до точка од која лесно можат да се отворат патиштата кои никој не ги сака, затоа што „нема да не доведат до мир и таква рамнотежа“. Порфириј посочи дека затоа лично го молел Вучиќ да направи се за да го зачува мирот и да ги спречи вооружените конфликти.

„И јас лично го молев претседателот, како и целата влада, да направи се за да се зачува мирот, и да не дојде, не дај Боже, до вооружени конфликти бидејќи тоа никому нема да донесе добро. Ги молам и оние кои имаат власт во Приштина, но исто така барам од големите сили и политичките институции кои се важни во центрите на моќ, да дадат се од себе за да го зачуваат мирот и човечките животи да станат интерес поголем од кој било друг интерес“,рече патријархот на Српската православна црква.