Германскиот канцелар патува во Киев, а потоа и кај Путин

11

По драматичната ескалација на украинската криза во последните денови, германскиот канцелар Олаф Шолц планира денеска да отпатува за Киев за да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во кратката посета на главниот град на Украина ќе доминираат растечките тензии со Русија и американските предупредувања за војна.

„Украина може да биде сигурна дека ќе ја покажеме потребната солидарност, како и во минатото“, рече Шолц во неделата пред тргнување.

Се очекува канцеларот во Киев да ѝ вети дополнителна економска поддршка на Украина. Од почетокот на конфликтот во Украина во 2014 година, од Германија таму веќе пристигнаа речиси 2 милијарди евра. Украина сака оружје од Германија за да може да се брани од Русија.

Шолц не сака да ги снабдува. Сепак, германската влада ѝ понуди на Украина можност за несмртоносно вооружување. Меѓу другото, Украина побара опрема за чистење мини, уреди за следење и радиостаници.

По посетата на Киев, Шолц треба вечерва да се врати во Берлин на неколку часа. Тој планира во вторник рано наутро да замине за Москва, каде што треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.