Денеска пресуда за „Плацови на Водно“

0

Основниот кривичен суд Скопје денеска попладне треба да ја изрече пресудата за случајот „Плацови на Водно“ во кој првообвинет за перење пари и противправно стекнување и прикривање имот е поранешниот премиер Никола Груевски.

Обвинети се уште пет други лица: Сашо Мијалков, Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска-Камчева, за која обвинителството во завршните зборови се откажа од кривичен прогон поради застарување на делото.

Во случајот обвинителството тврди дека Груевски со пари кои биле донација за ВМРО-ДПМНЕ прибавил 1,3 милиони евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал имот. Обвинението опфаќа плацови на Водно, станови во Скопје и земјиште во Крушево. Во шемата на купување имот, според обвинителството, се вклучени и офшор фирми односно била искористена компанијата „Сирах лимитет“ од Белизе во сопственост на обвинетиот Јосифовиќ, и преку неа се отворила фирма-ќерка во Македонија, „Сирах инженеринг“, за чиј управител бил назначен кумот на Груевски од првиот брак, обвинетиот Новачевски. Тој, според обвинението, за експремиерот го купил и земјиштето во Крушево.

Бизнисменот Камчев, исто така, е вклучен во понатамошното препродавање на атрактивните парцели на Водно. Тој тврдеше дека кога Јосифовиќ од објавувањето на „бомбите“ дознал дека неговата фирма од Белизе се поврзува со овој имот. Со оглед дека, според тврдењата на Камчев, Груевски преку неговата сестра Кристина Камчева прашувал дали може да го купат тој имот, тие размислиле и одлучиле да го купат, а на таков чекор, меѓу другото, се одлучиле, како што рече бизнисменот, и поради одмаздљубивниот карактер на тогашниот премиер.

Кога даваше одбрана, Камчев во своето сведочење спомена и нов имот – три луксузни стана во зградата „Панорама рездиденс“ за кои тврдеше дека Груевски ги трампал за земјиштето. Тие станови, како и другиот имот сега се дел од обвинението и се замрзнати.

Одбраната на Камчев во завршните зборови не ги негираше дејствијата на бизнисменот, но побара ако тој треба да одговара тоа да биде за кривично дело со поинаква правна квалификација. Според завршните зборови на неговиот адвокат Еленко Миланов на минатото рочиште, делото перење пари, кое е предмет на овој судски процес, според допрецизираниот обвинителен акт, е сторено во периодот од октомври 2012 до септември 2013 г., а неговиот клиент се инволвира во случајот дури во периодот од јули до октомври 2015 година. Така, како што рече адвокатот, ако треба тој да одговара тоа треба да биде за помагање сторител по извршено кривично дело.

„Се согласувам со завршните зборови на моите адвокати и, исто така, пред овој судечки совет сакам да се покаам во врска со делото помагање на сторител по извршено кривично дело“, рече и самиот Камчев во своите завршни зборови.

И обвинетиот Новачевски кога даваше одбрана зборуваше за дејствијата на Груевски. Кажа дека експремиерот од него побарал да биде управител на ‘Сирах инженеринг’, како и дека по желба на кумашинот го купил државното земјиште во Крушево.

„Жалам за стореното, бев искористен“,рече Новачевски во своите заврши зборови.

Одбраната на Ненад Јосифовиќ, кој е краен сопственик на „Сирах лимитед“ од Белизе, во своите завршни зборови порача дека тој не учествувал во ништо, односно дека компанијата ја основал за свои бизнис-интереси, а потоа кога му побарале слободна фирма тој се согласил да даде полномошно да се отвори фирма ќерка во земјава и не знаел за што се користи, односно дека фирмата се поврзува со Груевски слушнал кога почнаа да се објавуваат „бомбите“ во 2015 година

Обвинителката Лиле Стефанова во завршните зборови кажа дека ги цени исказите на овие тројца обвинети. За Камчев и Јосифовиќ рече дека иако тоа го кажале на крајот од судската постапка исказите се олеснителни околности и побара казните за нив да се движат кон законски предвидената минимална казна.

За Новачевски, пак, Стефанова рече дека е единствениот обвинет кој уште од отворањето на истрагата ги опишал начинот и дејствијата на извршување и со тоа придонел во откривањето на сторителите и кривичните дела, па од тие причини побара судот да му изрече условна казна.

Обвинителката побара строги казни за Груевски и Мијалков. За експремиерот рече дека треба да му се изречат максимални затворски казни за делата за кои се гони, додека за неговиот братучед и поранешен шеф на УБК побара изрекување повисоки казни во рамки на границите предвидени со закон за делата кои му се ставаат на товар.