Дескоска: Судството има најмалку право да се расправа за пари

3

Министерката за правда, Рената Дескоска изрази жалење што во судовите постои конфликт меѓу судиите и судските службеници за додатоците на плата, наспроти сомневањата кои укажуваат на криминал и корупција во нивните редови. Дескоска посочи дека треба да се расчистат сите индиции за незаконско постапување во судовите, а најави и разговори со европските и меѓународните партнери за целосен ветинг во судството.

Дескоска реагираше откако судската администрација утрото одржа протест. Судските службеници се незадоволни што судиите несразмерно ги зголемиле своите додатоци на плата.

Дескоска рече дека за висината на додатоците се одлучува во рамки на Судскиот буџетски совет, а Министерството за правда ја почитува независноста на Судскиот буџетски совет.

„Непријатно е кога во рамки на судовите се јавуваат конфликти меѓу различни групи за начинот на поделба на средствата за што самите одлучуваат, што всушност значи конфликт за пари. Жално е што не чувме став од сферата на судството по однос на прашањата заради кои судството е со најмала доверба кај граѓаните. Очекувавме реакција и од судиите и од претседателите на судовите и од судската администрација за случаите за застарување на гонење во одредени судските постапки за што криминалот останува неказнет“, рече Дескоска.
Според неа, јавноста очекуваше одговор од судовите и за одредени сомненија за криминал во судските редови. За овие сомненија, посочи таа, немаше никакви постапки.

„Таков е случајот со видео клипот кој го виде целата јавност во кој се тргува со судски предмети од страна на вработен во судска администрација. Се уште не сме информирани за преземените чекори ниту за обвинети конкретни лица. Вработените во судовите треба да помогнат во откривање на лица вклучени во криминал. Потребни се постапки кои ќе го вратат судството на листата на институции во кои јавноста има доверба. За жал, гласот од редовите на судството го слушаме само кога станува збор за распределба на пари. Судството има најмалку кредибилитет да зборува за ова имајќи ги предвид резултатите од нивното работење“, порача министерката.

Таа ја прокоментира и поддршката што претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев, им ја даде на судските службеници.

„Очекуваме претседателот на Кривичниот суд да излезе со протест и влијание врз своите колеги зошто некои судења не се закажуваат со месеци, зошто застаруваат предмети во неговиот суд за одредени кривични дела, тие се прашања што ја интересираат јавноста“, посочи Дескоска.

Таа потсети дека од март годинава се врши исплата на додатоци на плата и за судските службеници, согласно законските измени донесени во декември минатата година. Според овие измени, судиите добиваат додатоци во износ помеѓу 5 отсто до 30 отсто од основната плата доколку постои зголемен ризик или обем на нивната работа, додека додатоците на плата за судските службеници се движат меѓу 5 отсто и 25 отсто од основната плата.

Додатокот од 30 отсто за судиите во денари изнесува меѓу 14.878 денари до 19.660 денари, додека додатокот од 25 отсто за судските службеници се движи меѓу 3.507 денари до 11.432 денари.