Деца на возраст од 2 до 5 години добиле труење од храна во градинка во Куманово

22

Триесет деца на возраст од 2 до 5 години со стомачни тегоби викендов биле прегледани на педијатрискиот оддел во болницата во Куманово. Информацијата за МКД.мк ја потврди директорката на Општата болница во Куманово, д-р Снежана Захариева. Таа вели дека децата кои побарале лекарска помош имале исти симптоми и сите биле со стомачни болки и дијареа.

Според неофицијални информации на МКД.МК, најверојатно се работи за труење со храна во градинка во Куманово. Се работи за една градинка, но со три клона, каде инспекторите се на терен и го истражуваат случајот.

„Викендов 30 деца се дојдени на педијатрискиот оддел со кај нас со стомачни болки и дијареа. Три се задржани на болничко лекување, а останатите примиле инфузија и по препишана терапија пратени се на домашно лекување”, вели за МКД.мк д-р. Захариева.

Случајот со труењето на дечињата е пријавен во Центарот за јавно здравје и е повика епидемиолог. Анализите ќе треба да утврдат од што настанало труењето кај децата и дали и кој ќе има одговорност за случајот.