ДЗР: Јавниот долг го достигна нивото од 60 отсто од БДП

14

Државниот завод за ревизија го објави ревизорскиот извештај од извршената ревизија на успешност – Управување на јавниот долг-задолжување на Република Северна Македонија.

Ревизијата е извршена согласно годишната Програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2020 година и го опфаќа периодот 2015 – 2020 иако одредени области, прашања и настани се опфатени пред 2015 година.

-Во услови на КОВИД-пандемијата постигнат е лимитот на јавниот долг од 60 отсто од БДП и долгот е зголемен за 15 процентни поени. Во Република Северна Македонија и други држави во меѓународни рамки како одговор на здравствено-економската криза не секогаш е обезбедено почитување на фискалните правила за управување со јавен долг и дефицит и има зголемување на нивото на јавниот долг, наведува ДЗР.

Задолжувањето за финансирање на буџетскиот дефицит кој е последица на проектирани повисоки расходи од приходи во Буџетот на РСМ изнесува дури 88% од државниот долг, односно 75 % од јавниот долг.
Во однос на нивото на долгот и одржливост на долгот утврдивме дека во услови на COVID -19 пандемијата постигнат е лимитот на јавниот долг од 60% од БДП кој бил утврден како лимит во Политиката за управување со јавен долг во претходниот период.

Државните расходи се во постојан пораст во апсолутен износ, а значително се зголемени и како процент од БДП во 2020 и 2021 година, за справување со здравствено економската криза и изнесуваат околу 37% од БДП во 2020 година, а за 2021 година, планирани се на износ од 38% од БДП, поради што значајно е зголемен дефицитот во 2020 година, изнесува 8,11% од БДП, а за 2021 година, е планиран на 6,5% од БДП. Како последица на пандемијата на меѓународно ниво има суспендирање на фискалните правила со цел зачувување на економијата и здравјето на луѓето.

Потребно е да се уреди со одреден акт или документ начинот на водење на фискалната политика во овие вонредни околности. Со донесување во Собранието на РСМ на новиот предлог Закон за буџети се очекува подобрување на буџетскиот процес, а во постапката на планирање на буџетот во услови на намален фискален простор за непродуктивни расходи поради постигнат лимит на јавниот долг во буџетскиот процес задолжително треба да се прави анализа на одржливоста на долгот.

Малиот процент на реализација на капиталните проекти, избор на проекти без прецизни и јасни критериуми, не предвидена Методологија за селекција на проекти, реализација на проектите кои не се во рамките на буџетскиот процес и отсуство на следење и надзор на проектите влијае на ефикасно, ефективно и економично користење на јавните средства и на управувањето со јавниот долг. Во новиот предлог Закон за буџети предвидени се законски одредби кои ќе го уредат овој процес, предвидени се и активности и во Програмата за реформа на јавните финансии 2018 -2021, а во Проценката за управувањето со јавните инвестиции дадени се препораки за подобрување на системот на управување со јавни инвестиции кои се усвоени од Владата на РСМ.