Дивите депонии одраз на немање свест и лошо менаџирање во Македонија

19

 

57 комунални депонии. Ова е официјалната бројка за депонии во Македонија. Но поголем проблем се илјадниците диви депонии кои е тешко да се избројат зашто постојано „никнуваат“ каде што не се очекуваат. Посебен проблем се малите диви депонии што се наоѓаат околу викенд населбите во близина на поголемите градови. Најчесто овие населби немаат регулиран комунален третман на отпадот, па несовесните граѓани го фрлаат отпадот во дупки, долови и во близина на регионалните и локалните патни правци. Но диви депонии се појавуваат и во населени места, Национални паркови, патеки за рекреација и слично. Дивите депонии се со висок ризик за животната средина.

Во Македонија е проблем и тоа што и комуналните депонии, кои иако работат како легални депонии, не се во согласност со националното законодавство за безбедно управување со отпад. Северна Македонија има само 1 депонија на целата нејзина територија што е во согласност со националното законодавство. Станува збор за депонијата „Дрисла“, која го опслужува регионот на Скопје, со околу 590.000 жители и прима приближно 180.000 тони отпад годишно. 

Расчистување на дивите депонии – празни политички ветувања

 

„Ќе ги исчистиме сите депонии за точно 82 дена и ќе го ревитализираме просторот во чиста зелена површина”. Вака стои во објавата на социјалните мрежи што ја пренесоа повеќе македонски медиуми, а е дел од предизборната кампања на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Сепак, Арсовска не одговара колку диви депонии досега се расчистени и дали го исполнила ветувањето што им го дала на гласачите.

Зелените планови се дел речиси од секоја политичка кампања, но тие најчесто зваршуваат само како празни ветувања. 

 

Како влијаат депониите врз животната средина

 Депониите на повеќе начини влијаат врз животната средина. Тие ги загадуваат подземните води преку инфилтрирање на „исцедок“ од отпадот, го загадуваат околното земјиште преку инфилтрација на дождовницата, а предизвикуваат и ефект на стаклена градина, како резултат на депониски гас со висока концентрација на метан.

Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното количество на собран комунален отпад во Република Македонија во 2022 година изнесува 605 638 тони. Споредено со 2021 година, вкупното количество на собран комунален отпад во 2022 година бележи намалување од 4.2 %.

Најголемо количество на собран комунален отпад е забележано во Скопскиот Регион – 172 288 тони или 28.4 % од вкупното собрано количество. Од вкупното количество на собран комунален отпад, 506 257 тони или 84 % се собрани од домаќинствата, а останатите 16 % од правни и физички лица (комерцијален отпад).

Според видовите отпад, најголемо количество на собран отпад е измешаниот комунален отпад – 494 693 тони или 81.7 %, а најмало количество има отпадот од гума – 1 487 тони или 0.2 % од вкупното количество собран комунален отпад.

Вкупното количество на создаден комунален отпад во 2022 година изнесува 856 766 тони. Годишното количество на создаден комунален отпад по жител во 2022 година изнесува 467 кг, што е за 3.3 % повеќе од истото количество во 2021 година.

Најголемото количество на собран комунален отпад (99.8 %) се исфрла на депонија.

„Голема улога во разбирањето на проблемите со загадувањето лежи во информирањето и подигнувањето на јавната свест. Загадувањето кое човекот го прави кон животната средина правејќи ја неживотна, воглавно се должи дел на неинформираност, дел на несовесното и неодговорното однесување на луѓето. Неинформираност од аспект на непознавање на штетните последици од неправилно отстранување и третирање на отпадот по здравјето на луѓето и квалитетот на животната средина, и од аспект на познавање на достапни услуги како сервис за граѓаните како тоа лесно и правилно да го направат. Несовесност и неодговорност како ставање на личниот и моментален интерес пред општото добро без размислување за последиците од нашето однесување,ниска свест за заштита и унапредување на животната средина, деструктивен порив за уништување на поставената инфраструктура за селекција, полнење на контејнерите со се и сешто само не со отпадот за кој се наменети, иако е се означено со лесни конкретни насоки. Сѐ што правиме прави разлика, прашањето е каква разлика сакаме да направиме“, вели Билјана Костадиновска од Нулта отпад.

Како е регулиран отпадот во Македонија

За да се прекине ваквата пракса на нерегулирано одлагање на отпад потребно е имплементирање на Европската Директива за отпад на национално и локално со што проблемите со диви депонии би станале минато.

Исполнување на „Зелената агенда“ е многу важен чекор во патешествието на Македонија кон Европската Унија. Во последниот извештај за напредокот објавен од Европската комисија, Северна Македонија доби голем број критики во однос на животната средина и екологијата. Државните институции треба да ја подобрат меѓусекторската координација, да ги зголемат средствата за намалување на загадувањето на воздухот и да преземат сериозни чекори во управувањето со отпадот.

Сериозен недостиг од комунални инспектори

И по две децении откако во сите општини делуваат комунални инспектори, сè уште има недостиг на овој кадар. Една од причините е што според Законот за инспекциски надзор инспекторите треба да поседуваат лиценца. Проблемот делумно се решава со меѓуопштинска соработка.

Комуналните инспектори ги спроведуваат Законите за јавна чистота и комунални дејности. Велат дека прво настапуваат со опомени кон сторителите, а потоа изрекуваат глоби од 40 до 150 евра

Недостиг на комунални инспектори е најприсутен во малите и руралните општини, но многу и од поголемите општини не го задоволуваат критериумот за еден комунален инспектор на 20 илјади жители.

БИРН спроведе и прашалник на кој граѓаните одговараа за дивите депонии. Од одговорите јасно се гледа дека граѓаните ги препознаваат и дивите депонии им пречат, но не веруваат во институциите дека можат да го решат проблемот и затоа ретко пријавуваат. Тие дури не сакаа ниту да остават контакти за да бидат директно исконтактирани од нашите новинари. Како еден од главните проблеми се наведува немањето доверба во системот.

Но исто така проблем е и казнената политика. Имено, од 2022, граѓаните кои фрлаат ѓубре насекаде или палат отпад поминуваат евтино. Физичките лица се казнуваат со глоби од 200 евра ако спалуваат или закопуваат отпадни гуми, масла и друг вид отпад во природата или на патиштата. Со казни од 150 евра пак поминуваат оние граѓани кои фрлаат ѓубре кајшто ќе им текне, додека глоба од 50 евра е предвидена за поединците кои не вршат селекција на отпадот или не го одлагаат отпадот во посебните контејнери наменети за ова.

Најголем дел од отпадот завршува во диви депонии, и само мал процент се рециклира

Според Извештајот објавен од Европската агенција за животна средина, Системот за управување со отпад во Македонија денес се карактеризира со многу ниска стапка на рециклирање. Главниот систем за собирање отпад во Северна Македонија се состои од пунктови за собирање отпад со контејнери за ѓубре. Регулирањето на управувањето со отпадот е одговорност на општините, но во 2019 година само 78 отсто од населението беше покриено со услуги за собирање отпад.

Стапката на рециклирање е многу ниска и изнесува 0,3 отсто, а компостирањето / разредувањето падна од 0,4 отсто во 2015 година на 0 отсто во 2019 година. Во однос на успешноста на управувањето со отпадот, податоците на Државниот завод покажуваат многу ниско ниво на рециклирање во текот на 2020 година. Според видовите на отпад, најголема количина на собран отпад е мешаниот комунален отпад – 525 745 тони или 83,4 отсто. Во текот на 2020 година само 2-3 отсто од комуналниот отпад беше собран за рециклирање, главно од неформални собирачи на отпад, кои го собираат отпадот од депонии и канти и потоа го продаваат на индустријата за рециклирање. Затоа, потребна е интензивна акција од државата, локалните власти и бизнис секторот за подобрување во оваа област.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање товарот на лошото управување со отпадот го префрлаат на локалната власт.