Димитров: Доцниме затоа што Р С. Македонија не прифаќа дека имаме заедничка историја

3

Ние предвидовме, како одговор на новата енергија што се внесува во билатералните односи, поголема динамика во нашата работа. До средината на мај ќе има три средби и зголемување на темпото на работа. Ова не е нешто ново, од бугарска страна комисијата сакаше да има уште повеќе состаноци низ годините за да се постигнат резултати, изјави за БНТ копретседавачот на бугарскиот дел од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања и поранешен амбасадор на Бугарија во земјава, Ангел Димитров.

За време на разговорот, Димитров тврди дека нема притисок врз Комисијата.

– Имаме две главни задачи – прегледување на учебниците по предметот Историја и тоа како се изучува предметот. Ние сè уште сме до средновековието, до материјалот којшто се учи во основно образование. Сè уште не сме стигнале до она што се учи во средно образование, а работиме три ипол години. Сето тоа е така бидејќи нашите колеги не сакаат да прифатат дека имаме заедничка историја, а таа почнува во средниот век. На тоа се должи блокирањето на нормалниот ритам на работата на Комисијата, изјави Димитров.

Тој уште додава дека настојувал да се отвори разговорот за Гоце Делчев, ама, како што вели, за жал, седницата ќе биде по 150-годишнината од раѓањето на Делчев. Исто така, даде пример за разликите по прашањето за Гоце Делчев.

– Кога зборувавме како да подготвиме еден текст до владите за заедничко чествување, колегите од РСМ тргнуваат од современоста кон минатото, од нивната претстава за Гоце Делчев, без да се зборува за него во неговото историско време. Тој пристап не е историски. Ние предлагаме прво да се оцени една личност во неговото историско време и оттаму да се дојде до неговото значење за сегашноста, објаснува Димитров.