Докторката на Трајковски повикана на судењето за „ТНТ“, ќе треба да објасни што му е на обвинетиот

13

Докторката која што му ја издала медицинската документација на поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски е повикана во судница. Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека докторката е повикана на следното рочиште за „ТНТ” кое е закажано за 20 јануари и ќе треба пред јавноста да каже зошто Трајковски не може да го следи судењето.

„Заради интерес на медиумите кои го следат судењето за предметот „ТНТ” ја информираме јавноста дека за главната расправа насрочена на 20.01.2020 год. судот ја повика докторката – професор од овластената клиника која на обвинетиот Тони Трајковски му издаде медицинска документација дека истиот има здравствени проблеми и и не може да ја следи расправата. Со цел утврдување на фактичката состојба, доследно почитување на правата на странките во постапката, како и јавниот интерес за предметот, судот ќе и овозможи на докторката јавно да ја образложи здравствената состојба на обвинетиот и причините за неговата спреченост да присуствува на судењето, за што веќе има издадено соодветна докуемнтација”, се вели во соопштението на судот.

Тони Трајковски до сега два пати не се појавуваше на судењето за „ТНТ“ поради инцидент во кој добил видливи повреди и поради, како што кажа пред судот лоша здравствена состојба.

Тој се појави на вчерашното рочиште во судот, но донесе медицинска документација и појасни дека има здравствени проблеми.

Предметот го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово.

Првото рочиште за судењето за „ТНТ” се одржа на 24.01.2018 година, но поради истекот на мандатот на еден од членовите на судечкиот совет процесот се врати од почеток.

Во предметот „ТНТ” обвинети се поранешниот министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, вработени во Општина Гази Баба, како и поранешен премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија.