Дури 26 граѓани годинава доживеале струен удар, само тројца минале без повреди

51

Упатените велат дека иако понекогаш сами ја поправаме струјата и сакаме да покажеме дека знаеме сѐ, треба да се воздржиме од тоа и да повикаме стручно лице, за непромисленоста и незнаењето да не завршат во трагедија.

Зголемен е бројот на загинати и повредени граѓани од струен удар за деветте месеци од 2019 година, во споредба со цела 2018 година. Од друга страна, пак, намален е бројот на несреќи со струја на работните места, соопшти Министерството за внатрешни работи. До септември годинава на работно место несреќа имале шест лица, за разлика од лани кога имало вкупно 12 незгоди на работа поврзани со употреба на струја.

– Годинава од струен удар загинале единаесет лица, со тешки повреди се здобиле тројца, а со полесни повреди завршиле деветмина. Тројца имале несреќа со струен удар, но за среќа, не добиле никакви повреди. Од оваа статистика, пет несреќи се случиле дома, шест во двор, девет на работно место, четири на железничка станица, а две надвор на отворено – велат од МВР.

Лани за целата година имало два смртни случаи помалку.

– Струјниот удар не го преживеале деветмина, едно лице било тешко повредено, осуммина полесно повредени, а двајца имале среќа и поминале без последици. Од овие случаи, два се во домот, дури 12 на работното место, два на железничка станица, а четири надвор на отворено – рекоа од МВР.

Најголем дел од повредените се пријавени во Скопје, по што следуваат Струмица, Охрид и Штип.

Упатените велат дека иако понекогаш сами ја поправаме струјата и сакаме да покажеме дека знаеме сѐ, треба да се воздржиме од тоа и да повикаме стручно лице, за непромисленоста и незнаењето да не завршат во трагедија.