Ердоган: Одбив милијарда евра европска помош, кого тие сакаат да го измамат?

1

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган тврди дека одбил милијарди евра европска помош за прифаќање мигранти во Турција во момент кога илјадници луѓе навалија на грчката граница.

„Разговараме со нив. Ни рекоа, ‘Ќе ви испратиме милијарда евра’. Кого вие сакате да го измамите? Повеќе не ги сакаме тие пари’“, рече Ердоган вчера на прес-конференција во Анкара со бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Европската Унија е сè позагрижена за пристигнувањето на илјадници мигранти на грчката граница, бидејќи Турција објави дека ги „отворила портите“ за бегалците.

Ердоган ја предупреди ЕУ дека не сака да го „подели товарот“ со Турција, која прими околу четири милиони мигранти и бегалци, главно од Сирија, кои бегаат од војната во нивната земја што избувна во 2011 година.

Турскиот претседател, исто така, ги обвини грчките војници дека убиле двајца мигранти на грчко-турската граница, а дека еден е тешко ранет, без притоа да ги поткрепи тврдењата со докази.

Вчера портпаролот на грчката влада го нарече „лажна вест“ видеото на кое се чини дека грчките војници убиваат сириски мигрант.