ЕУ денеска нема да донесе одлука за преговарачката рамка со Македонија

30

Иако во Брисел денеска директно никој не го споменува бугарското вето, извесно е дека Македонија останува во чекалната на Европската Унија, а преговарачката рамка ќе чека подобри времиња, пишува Канал 5.

Македонија сепак се најде на дневен ред на денешниот Совет за општи работи, но нејасно дали и какви формулации ќе произлезат за проширувањето. Она што е јасно, а денеска пред почетокот на виртуелниот состанок на министерите, го потенцира претседавачот со Советот, германскиот министер за Европа, Михаел Рот, е дека Берлин опстојува на ставот Скопје и Тирана да ги почнат преговорите до крајот на годинава, а дека проширувањето не смее да биде заложник на билатералните прашања.

-Во најдобар интерес на Eвропската Унија е обете земји да ги започнат пристапните преговори што е можно поскоро на меѓувладина конференција. Се надевам дека сите колеги и сите земји-членки ќе размислат за овој заеднички интерес и дека ќе бидат подготвени да бидат прагматични и во најдобра смисла на зборот солидарни. Процесот на пристапување не смее да биде заложник на билатералните барања на одредени земји членки., вели Михаел Рот, германски министер за Европа.

Бугарската министерката за надворешни работи, Захариева го смета спротивното. Вели дека не може земја кандидат да биде дел од ЕУ ако има нерешени проблеми со земја – членка. Во интервју за бугарската државна телевизија БНТ и денеска го повтори бугарското „не“. Потенцира дека никој не може да и ги врзе рацете на Софија да стави вето и дека тоа било главната заблуда во Македонија. Порача дека за Скопје ќе има место во Унијата, но кога ќе биде подготвена.

-Има три основни работи, тоа е придржување кон јазичната формула од 99-та година, потоа потврдена во 2017 година, патоказ за спроведување на договорот што треба да се следи во текот на целиот процес на преговори и експлицитен текст што нема да се подржува во ниедна форма претензии за македонското малцинство во Бугарија., вели Екатерина Захариева, министерка за надворешни работи на Бугарија.

Ставот на македонскиот државен врв е дека ќе продожат да преговараат со Бугарија до последен момент, но не и ако во разговорите се вклучени и јазикот и идентитетот. Бугарија настојува нејзините услови да ги вметне во посебно поглавје од преговарачката рамка, за кое засега нема компромис меѓу земјите членки.