Заев побара пратениците да и гласаат доверба на Владата

17

Премиерот Зоран Заев попладнево во Собранието усно побара од пратениците да гласаат за доверба на Владата.

„Ова е моментот кога треба да видиме колку може да ѝ се верува на опозицијата која постојано тврди дека ќе ја урне Владата и ќе формира нови мнозинство. Со лажни вести и блокади се создава политичка несигурност. Нема да го дозволам тоa,“ рече Заев од собраниската седница.

Според член 217 од собранискиот Деловник, Собранието гласа за (не)доверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба. Во случај кога прашањето за доверба го поставува претседателот на Владата, усно на седница на Собранието, пратениците гласаат на истата седница, без расправа, откако претходно, претседателот на Собранието го известува за тоа претседателот на државата.

Од претседателскиот кабинет за РСЕ потврдуваат дека спикерот Џафери усно го информирал шефот на државата Пендаровски.

Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски реагираше што премиерот се повикал на членот 217 со што се оневозможува тридневна расправа по ова прашање.

„Многу ми е жал што не се повикавте на член 214 од Деловникот и да ни дадете можност во тридневна расправа да образложиме зошто не заслужувате доверба. Доблесно е да се повикате на тој член“, рече Мицевски.

Претседателот на Владата и пред гласањето, како што е наведено во член 217 од Деловникот, има право да му се обрати на Собранието. Во Собранието денеска се сите 62 пратеници од мнозинството. Во моментов пратениците се на пауза откако претседателот на Собранието даде пауза од еден час.