Заев: Почнуваме кампања за масовна вакцинација со цел побрзо враќање во нормалниот живот

5

Владата започнува со кампања со цел граѓаните да се мотивираат за масовна вакцинација против ковид-19, но и да се спречат лажните вести што ги шират антиваксерските групи. Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за здравство Венко Филипче, денеска најави дека кампањата „Вакцинирај се, за моменти на среќа“ има за цел да го забрза процесот на имунизација и што повеќе граѓани да се охрабрат да се вакцинираат.

„Четвртиот бран на ковид-19 со новиот делта-сој, но и антиваксерските движења кои шират лажни вести и ги збунуваат граѓани, се причина за ваквата кампања. Само со комплетна вакцинација се спречуваат смртни случаи и тешка форма на болеста. Да ја прифатиме и да се отповикаме на повикот за масовна вакцинација, за децата да можат да тргнат на училиште, да се вратат артистите на сцените, да заживее економијата, да почнеме пак нормално да живееме. Кампањата има за цел да им го сврти вниманието на граѓаните да бидат внимателни кога до нив пристигнуваат вести што не се вистинити“, рече Заев.

Тој се обрати и до граѓаните што излегуваат на протести против новите мерки и рече дека иако протестот е уставно загарантирано право исто такво право е и јавното здравје.

„Мерките што ги предлагаме се веќе докажано ефикасни, а вакцинацијата е единствениот начин да се бориме со вирусот. Фактот што дури 90 отсто од новозаразените во последната недела се невакцинирани, а ист е процентот и кај хоспитализираните, недвосмислено потврдува за ефикасноста на вакцините“, посочи Заев.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека во изминатиов период, откако почна новиот четвртиот бран на ковид, починати се 101 пациент од кои 92 не биле вакцинирани, а само 9 примиле вакцина, но тие биле со тешки хронични заболувања.

„Вакцината е најсилното оружје за борба против вирусот, сите вакцини се безбедни и го намалуваат ризикот од тешка форма на болеста“, рече Филипче.