За Пендаровски е прифатлив модифицираниот француски предлог

10

За претседателот Пендаровски е прифатлив францускиот предлог за кревање на бугарското вето и почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

 

По седницата на Советот за безбедност на кој се разгледуваше овој документ тој изјави дека одлуката да се прифати предлогот нема да биде ниту историски триумф, ниту историски дебакл. Ако Владата го прифати овој предлог, смета претседателот, нема само Бугарија да го оценува нашиот напредок, туку и ЕК, што според него драстично ги намалува механизмите за Софија да не кочи во процесот.

-Според мене, станува збор за транзиционен компромис за една од фазите на европските интеграциите, за кој три елементи се битни и затоа предлогот, според мене, во оваа фаза, е прифатлив. Со предлогот ја креваме бугарската блокада и тој дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање, второ, овозможува скрининг процес, и, трето, ама баш со ништо, не го поткопува македонскиот идентитет затоа што за клучната одредница за македонски јазик во предлогот има чиста формулација, без фуснота“, изјави Пендаровски.

Со модификуваниот францускиот предлог историјата не е услов, тврди Пендаровски. Сепак и предложил на Владата да донесе заклучоци дека ако било кога понатаму во преговорите, Бугарија задира во нашиот идентитет, тогаш Македонија веднаш да ги прекине преговорите со Европската унија.

– Откако францускиот предлог ќе влезе во Владата, очекувам заклучоци на Влада кои во случај да го прифатат овој предлог, би морало да има реченица плус дека од денот кога ќе ги отвориме преговорите до денот кога ќе ги завршиме, ако има дополнителни обиди од бугарска или која било страна повторно да се споменуваат прашањата за македонски јазик, идентитет и историја, не треба да чекаме некој да не блокира, туку сами треба да излеземе“, кажа Пендаровски.

Што се однесува на билатералниот протокол со Софија кој се уште не е потпишан од наша страна, а кој содржи чувствителни моменти како говор на омраза, менување учебници, споменици, чии резултати ќе бидат дел од т.н годишни извештаи, Пендаровски смета дека протоколот сам за себе нема правна основа за Бугарија да не блокира, а сите точки, како што кажа, се двострана обврска.

Како најголема слабост на предлогот шефот на државата го оцени тоа што се бара внесување на Бугарите во Уставот во оваа фаза, бидејќи политичката поделеност во земјава според него никако не гарантира дека ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за вакви уставни измени.