Изборен молк

1

Од полноќ настапува молкот во пресрет на вториот круг од Претседателски избори и Парламентарните избори кој завршува со затворањето на гласачките места на 8 мај во 19 часот.

На 8 мај, на вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, додека на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1033, генерално поради граѓани кои стекнуваат полнолетство.

Се гласа на 3480 избирачки места, а избирачите во текот на денот ќе можат само еднаш да го посетат избирачкото место и да гласаат. Идентификацијата на гласачите ќе се врши со т.н. фингерпринт апарати.

Утре, односно ден пред изборите, први гласаат болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и, пријавените од дијаспората, но само за претседателските избори.

Иако кампањата и подготовките за изборите се совпаднаа со велигденските празници, ДИК навреме го достави недоверливиот и доверливиот материјал до општинските изборни комисии.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ)  потсетува дека денеска завршува изборната кампања за вториот круг од Претседателските избори 2024 година и за Парламентарните избори, односно од полноќ започнува изборниот молк кој трае до 19 часот на 8 мај

-За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања, подвлекуваат од АВМУ.

Според Изборниот законик, потсетуваат од АВМУ, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.