Изложба на фотографии и промоција на фотомонографија од Игор Цветковски

0

Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ вечер ќе биде отворена изложба на фотографии и ќе биде промовирана фотомонографијата „Лазороска“ од фотографот на Канон генерацијата во земјава Игор Цветковски. Ќе биде промовирана и преработката на народната песна Лазороска, посветена на Лазарополе.

Инспирирана од песната „Лазороска“ на авторот Јован Ламбески, фотомонографијата на Цветковски го документира чувство на слобода и моментите кога човекот станува дел од неа.

-Низ 100 страни и 64 пејсажни фотографии од Лазарополе од сите годишни времиња, ја изразив потребата на секое човечко битие да и се восхитува на природата во даден момент од својот живот. Овој начин на самоизразување го прикажува мојот восхит од природните убавини на Лазарополе во текот на зимскиот период, кога селото е сосема празно, прилика кој ретко кој имал можност да ја искуси. Фотомонографијата е оживување на душата на природата преку фотографии во боја направени во периодот на Ковид пандемијата во Лазарополе, вели Игор Цветковски, автор на првата фотомонографија „Лазороска“.

Монографијата почнува и завршува со зима, фото сведоштва од две пандемиски години поминати во Лазарополе. Дело, низ кое може да се види тишината и чуе звукот на природата низ заживеаната песна „Лазороска“ на младиот композитор Мартин Данчев.