Изложба „Рефлексии“ во Мала станица во рамки на јубилејното издание на Танц Фест Скопје

2

Со отворање на изложбата „Рефлексии“ вечер во Мала станица во Скопје ќе се одржи јубилејното издание на Танц Фест Скопје, под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години Извонредност во современиот танц“.

Како што соопштија од Танц Фест, со оваа изложба ќе внесат новина во својот програмски дел, со цел да се доловат моменти од етеричноста на изведбените уметности, како и секојдневноста на мигот, низ призма на повеќе автори, блиски до уметничкиот современ израз.

Изложбата е составена од три дела – посетителите ќе имаат можност да видат дел од програмските материјали од почетоците на Танц Фест, на кои ќе се застапени дел од дизајните направени за фестивалот низ годините, на Лидија Божиќ и Јовица Јовановски, Горјан Донев, Русе Арсовски; како и фотографии од Сашо Димовски и Драган Перковски, кои во одредени периоди на фестивалот ги документираа настаните.

Изложба „Рефлексии“ во Мала станица во рамки на јубилејното издание на Танц Фест Скпје

Во вториот дел ќе бидат претставени фотографии од претстави, кои се дел од творештовото на истакнатиот костимограф Благој Мицевски, кои ги потпишуваат Јозеф Баринка, Дарја Штравис Тису, Павел Бреинер, Дејвид Базимор, Петар Ухан и Драган Перковски.

Третиот дел е посветен на истакнатата холандска фотографка Карла Шу, која се претставува со серија портретни фотографии, во кои ја изразува суштината на фотографскиот портрет, каде што се заматуваат границите меѓу внатрешниот и надворешниот свет. Изложбата ќе ја отвори публицистот, новинар и документарист Диме Ратајковски.

Карла Шу студирала фотографија во Холандија, во моментов живее и работи во Амстердам и Франција. Во својот опус има огромен број на портрети од уметници, автори и музичари. Соработува со голем број на списанија, а има повеќе самостојни изложби во Холандија и во странство.

Сашо Димоски е роден во 1965 година во Охрид. Се занимава со fотографија и компјутерска графика. Дипломирал и магистрирал фотографија на Универзитетот ЕСРА, а работел во Македонската телевизија и пишувал за културните рубрики на „Утрински весник“ и магазинот „Глобус“. Од 2007 година бил и фотограф на археолошки истражувања, а свои фотографии и текстови објавувал и во електронското списание „Блесок“. Бил уредник на Галерија Блесок.

Драган Перковски професионално се занимава со фотографија од 2006 година, почнува во дневниот весник „Утрински“, потоа во весникот „Време“, од 2007 до 2009, а потоа во весникот „Вест“, се до неговото затворање. Преку соработка со колеги, објавува фотографии во светските новински агенции Ројтер и АП.

Прославувањето на јубилејот ќе продолжи на 30 април на сцената на Македонскиот народен театар, со „Гала вечер“ на Скопје танцовиот театар, во која ќе се изведат делови од кореографии на Рисима Рисимкин, кои го обиколија светот од Њујорк и Париз до Пекинг, како и кореографијата „Место. Многу посебно за неа“ на  Адријана Данчевска. На прославата ќе се додели и наградата МЕНАДА за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност на балетскио уметник Марин Црвенов, доајен на македонскиот балет.

Јубилејното издание на фестивалот е поддржано од Министерството за култура, Францускиот институт, Виталија, Бовин, Австриската амбасада во Скопје, а програмата се изведува во соработка со НОБ, МНТ, МКЦ. Медиумски покровители се МРТВ, Радијата Антена5, Бубамара, Метрополис, Сити радио, Урбан ФМ.