Каква физикална терапија имаат пациентите со ковид на Инфективната клиника?

45

Пациентите кои се заразени со ковид-19, покрај терапијата против вирусот, важно е да добијат сеопфатен тетман, нагласуваат од Инфективната клиника посочувајќи дека кај оние кои се хоспитализирани во оваа установа неизоставен дел од лекувањето е и физикалната терапија.

Таа е важна за подобрување на психофизичкото здравје и на функцијата на респираторниот систем.

Физикалната терапија на пациентите на Инфективна, нагласуваат, вообичаено се состои од два сегмента: физикална терапија за локомоторниот апарат и физикална терапија за респираторен систем или таканаречена респираторна гимнастика.

„Повеќе фактори влијаат врз одлуката со каков третман на физикална терапија ќе се пристапи кон пациентот. Според клиничката слика на локомоторниот апарат има три групи на пациенти – подвижни пациенти, тешко подвижни пациенти и неподвижни пациенти. Додека пак според оштетувањето на респираторниот систем предизвикано од ковид-19, истите може да се поделат на лесно болни, средно болни и тешко болни. Согласно овие поделби на пациентите и различните комбинации од клинички слики и оштетувања се комбинираат различни типови на вежби. Зависно од менувањето на состојбата на пациентот се менува и пристапот на физиотерапевтот кон пациентот“,

објаснува Велимир Тричковски, физиотерапевт кој работи со пациентите со ковид-19 хоспитализирани на Инфективната клиника.
Вежбите за локомоторниот апарат, посочува, во деновите пред заминување од Клиниката може да се зголемат за да може да се постигне максимален ефект и да се оспособи пациентот за релативно нормално функционирање во домашни услови.

Респираторната гимнастика или познати како вежбите за дишење, пак, се изведуваат за превентивни и тераписки цели. Кај пациентите со лесна клиничка слика се препорачува пациентите сами да ги изведуваат вежбите неколку пати во текот на денот со цел да се зајакне мускулатурата вклучена во процесот на дишење. Кај средно-тешките болни, респираторната гимнастика се изведува исклучиво под надзор на физиотерапевт за да се следи моменталната состојба на организмот (сатурација, пулс, притисок, број на респирации). Кај тешко болните коишто дишат со помош на маска за висока концентрација на кислород се советува длабоко и споро дишење, а кај пациентите кои се поставени на механичка вентилација вежбите за дишење не се изведуваат.