Кина го пушти во употреба најголемиот телескоп во светот (ВИДЕО)

16

Во саботата, Кина официјално го отвори најголемиот радио телескоп во светот кој ќе го искористи за истражување на вселената и потрага по вонземски животни облици, објави новинската агенција Xinhua.

Петстотини метри широкиот сферичен радиотелескоп – FAST (Five-hundred-meter Aperture Spherical radio Telescope) опфаќа површина од триесет фудбалски игралишта, а се наоѓа во планински венец на југозападната провинција Гуижоу. Во Кина го нарекуваат и „Небесно око“. Кинеската агенција Xinhua објави дека телескопот добил официјална државна дозвола за започнување со работа. Изградбата на телескопот е завршена уште во 2016 година и оттогаш се спроведени тестови и се елиминирани недостатоците.

Главниот инженер на FAST, Џианг Пенг, наведува дека пробните операции на телескопот досега биле сигурни и стабилни, а неговата чувствителност е два ипол пати поголема од вториот најголем телескоп во светот. За време на пробната работа, кинеските научници, дошле и до некои вредни научни податоци од кои се очекува да доведат до голем напредок во области како што е откривање на гравитации со ниска фреквенција и меѓуѕвездени молекули во следните три до пет години, наведува Xinhua.

Подобрувањето на кинеската вселенска програма е приоритет на Пекинг и земјата постави цел да се приближи кон Русија и САД и да стане голема вселенска моќ до 2030 година. Пекинг планира да започне со изградба на своја вселенска станица следната година.