Кинеската економија порасна за три проценти во 2022 година

6

 

Растот на кинеската економија беше побрз од очекуваното во четвртиот квартал од минатата година, покажаа денешните бројки на Националното биро за статистика, со годишна стапка на раст од три проценти минатата година.

Како што пренесе ДПА, бруто домашниот производ (БДП) се зголеми за 2,9 отсто во четвртиот квартал, повеќе од зголемувањето од 1,8 проценти кое економистите го очекуваа. Сепак, ова беше послабо од експанзијата од 3,9 отсто регистрирана во претходниот квартал.

Во текот на 2022 година, растот на БДП на Кина беше 3,0 проценти, што е бројка пониска од целта на владата во Пекинг од околу 5,5 отсто.

Кинеските провинции проектираат економски раст од пет до шест отсто за 2023 година. Целта на Владата за целата година ќе биде објавена на Националниот народен конгрес во март.

Светската банка минатата недела соопшти дека кинеската економија останува ранлива на постојан стрес во секторот на недвижности и континуирани нарушувања поврзани со пандемијата. Банката предвидува дека кинескиот БДП ќе закрепне на 4,3 проценти во 2023 година, во услови на повторно отворање на економијата.