Ковачевски: Продолжува заштитата и грижата за културното и историското наследство

3

 

Продолжуваме со заштита и грижа за културното и историското наследство. Оваа Влада се определи за заштита и афирмација на македонскиот јазик и дома и во светот со што го штитиме и афирмираме и нашиот посебен македонски национален идентитет, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговорајќи на пратенички прашања.

И покрај кризата, напомена Ковачевски, не само што се одржа трендот на успешно спроведување на зацртаните активности во културата, туку се планираат и повеќе средства.

Осврнувајќи се на конкретни проекти, тој најави дека годинава ќе продолжи работата на Скопскиот аквадукт и на црквата во Курбиново, позната по најстарото сочувано ѕидно сликарство, кое претставува несекојдневен пример на византиската уметност од крајот на XII век, но ќе почне и целосната реконструкција и санација на Музејот на Република Северна Македонија.

-И оваа, 2023 година е обезбеден континуитет на реализацијата на програмите и проектите во културните установи, на платите на вработените во културата и на заштитата на културно-историското наследство.

Направивме структурни измени во буџетот за 2023 година, со што се предвидени еден милион евра повеќе за плати во културата за разлика од минатата година, додека се зголемени и блок-дотациите за општините од 6 на 6,5 милиони евра поради зголемување на платите на вработените и на материјалните трошоци во локалните установи од областа на културата, како и капиталните дотации за општините од еден на 20 милиони денари. Исто така,како последица на зголемувањето на цената на енергенсите на светските берзи, се предвидени 6,85 отсто од вкупниот буџет за културата да биде наменет за комунални услуги за установите од областа на културата за разлика од лани кога за тоа биле одвоени 3,93 проценти. Во 2023 година средствата за субвенции и трансфери ќе изнесуваат 12,5 милиони евра до општините, рече премиерот.

Според него, реализацијата на вкупниот буџет на Министерството за култура за 2022 година е над 95 отсто и сите финансиски обврски за 2022 година се реализирани и се платени.

-Во 2023 година почнува целосна реконструкција и санација на Музејот на Република Северна Македонија каде што се наоѓаат етнолошката, археолошката и историската поставка на државата и бесценетата галерија на икони. Оваа колекција е најмногубројна од овој вид во државава и содржи повеќе од 400 икони, кои потекнуваат од почетокот на XIV век до средината на XX век. На овој начин обезбедуваме негова достоинствена заштита, како што прилега на институција од ваков вид, соопшти Ковачевски во одговор на прашање од пратеничката Лидија Тасевска.