Комисијата за заразни болести го пишмани, Јанчев го откажа протестот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

28

Градоначалникот на Кавадарци и експотпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Митко Јанчев го пишмани Комисијата за заразни болести и го откажа одржувањето на најавениот протест за во понеделник. Протестот требаше да се одржи пред седиштето на ВМРО-ДПМН за актуелниот лидер на партијата Христијан Мицкоски да поднесе оставка.

Јанчев за весникот Вечер вели дека ваква одлука е донесена утрово, по консултации со Министерството за здравство и со Комисијата за заразни болести.

– Оценето е дека во ова време на пандемија, голема е опасноста од вакви собири, а за истиот што беше планиран за во понеделник веќе имаше интерес од над 3.000 луѓе. Затоа решивме, протестот да го одржиме на еден поинаков начин и притоа да ја пратиме пораката, а да ги запазиме здравствените протоколи. Пораката на Мицкоски ќе ја пратиме преку прес конференции на општинските комитети, со кои започнуваме од денеска, па во наредните денови – вели Јанчев.

Тој истакнал дека одлуката не значи дека се повлекува од намерата, напротив, тој порачува дека Мицкоски мора да ја остави партијата да работи и да престане да му овозможува на Зоран Заев и на СДСМ да работат против интересите на државата.

По повикот на Јанчев за протест, Александар Пандов, претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ објави дека ќе го повика членството на партијата да дојде на протестот за да му каже на Јанчев што мисли за него.

„Јас ќе ја искористам таа прилика на твоето доаѓање во Скопје и ќе го повикам членството на ВМРО ДПМНЕ да дојде во исто време и на исто место, па ние да ти го кажеме нашето мислење за тебе! Можеш и Вице да ни го донесеш. Ќе ве личи. А башка и на него имаме што да му кажеме. Таман вие после повторно заедно ќе си прославите. Ти текнува? Исто ко кога стана потпретседател на ВМРО ДПМНЕ“, напиша Пандов на Фејсбук