Корона-кризата пресудна за падот на косовската влада

8

По повеќе од 11 часа расправа, Собранието на Косово ноќеска со 82 гласа „за“, 32 „против“ и еден „воздржан“ изгласа недоверба на Владата на Косово на чело со Албин Курти. Претставката за гласање на недоверба го поднесе Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) кој беше коалициски партнер во владата.

Во неа се бараше разрешување на владата поради две прашања: неукинувањето на царините од 100 отсто на стоката од Србија и од Босна и Херцеговина без воведување „реципроцитет“, што е поврзано со наводно нарушување на односите со САД, како и поради смената на Агим Велиу од функцијата министер за внатрешни прашања и јавна управа поради расколот меѓу коалициските партнери околу вистинската стратегија за справување со коронавирусот, што се покажа како пресудно прашање за падот на владата.

Нив премиерот Курти ги отфрли како причини за соборување на владата и потенцираше дека зад барањето стои „готовиот договор меѓу Косово и Србија за размена на територии“. „За оваа претседателска трговија барањето е да се разреши Владата. Претседателската трговија со Владата која ја водам е невозможна. Се обиде (Хашим Тачи) да прогласи вонредна состојба, зошто не прогласи? Отиде во Белата куќа да постигне договор, зошто не го спроведе?“, рече Курти. „Со мене како премиер и со оваа влада не може да се прогласи воена состојба додека не се создаде вонредна состојба и нема договор ни во Белата, ни во Зелената, ниту во Црвената куќа за размена на територии помеѓу Косово и Србија. Затоа е потребно да се смени оваа влада, да ме заменат мене за да се отвори пат и да се прогласи вонредна состојба и истовремено таа претседателска трговија со размена на територи“, вели Курти.

Тој рече дека е целосно убеден оти постои постои готов договор со Србија и дека тоа индиректно му го потврдил и претседателот Тачи. Во дискусиите, во најголем број беа пратениците на ДСК и партијата на Курти (ПС), имаше многу меѓусебни обвинувања.

Во изминатите денови коалицискиот раскол кулминираше откако Курти го смени од функцијата министерот Велиу од редовите на ДСК, кој се залагаше за воведување на вонредна состојба поради корона-кризата, иако премиерот беше против тоа. Досега на Косово се регистрирани 63 заразени од вирусот, а едно лице почина од Ковид-19.