Косовски пратеник: Нема потреба од страв од евентуално американско повлекување

13

Пратеникот на движењето Самоопределување Хаки Абази оцени дека на Косово не би требало да постои страв од евентуално повлекување на американските трупи.

Тој страв го почувствуваа сите земји на чија територија има американска воена мисија во оној момент кога пред очите на светот беше освоен главниот град на Авганистан, Кабул, практично без испукан куршум.

„Американците не се уморни од престојот во Јужна Кореја и во базите на Европската Унија, но не можат да се борат со 70 отсто од населението кое не поддржува странска агенда, така што не треба да се стравува дека Америка може да се повлече од Косово, бидејќи нема паралели“, кажа Абази.

Абази зборуваше и за своето искуство во Авганистан, каде три години работел за УСАИД.

„Отидов во 2003 година, а во 2006 ја завршив својата мисија со УСАИД и ја продолжив својата работа, особено со претседателот (на Авганистан Ашраф) Гани, каде дел од програмата беше изградба на траен мир“, кажа Абази.

Кажа дека последен пат бил во Авганистан во 2018 година, но според него, таму била поинаква ситуацијата. Според Абази, талибанците се производ на војната против Советскиот Сојуз, и во тој период се викале „муџахедини“.

„Талибанците се политичка организација, па потоа воена. Талибанците се студенти кои земале во рака оружје за борба против Советскиот Сојуз“, оцени косовскиот пратеник.