Кривични пријави за четворица од групата врз која беше пукано во Александар Палас

7

Четворица од петмината врз кои во неделата беше пукано во лобито на хотелот „Александар Палас“ им се заканувале на полициските службеници кои дошле да ги легитимираат критичната вечер но и по настанот.

Синоќешната полициска акција во која беа приведени тројца од осомничените и спроведени во полициската станица Карпош резултираше со кривични пријави.

Од обвинителствотоо соопштија дека тие ќе одговараат за загрозување на безбедноста и додаваат дека еден е во бегство.

„ СВР Скопје денеска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против четири лица за кривично дело – Загрозување на сигурноста од чл.144 ст.3 од Кривичниот законик, во врска со настанот случен на 30.11.2019 година околу 11 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Тројца од пријавените се лишени од слобода, а по четвртиот се уште се трага. Пријавените ја загрозиле сигурноста на 11 службени лица – полициски службеници кои вршеле службено дејствие – легитимирање, на начин што упатиле сериозна закана дека ќе нападнат врз животот на полициските службеници“, стои во соопштението на обвинителството.

Од Обвинителството побарале да им се одземат пасошите и да им се одреди куќен притвор.

МВР засега нема осомничени за нападот во Александар Палас.

Инцидентот се случи во неделата, триесетина минути по полноќ, кога три маскирани лица, вооружени со автоматски пушки упаднаа во лобито на хотелот каде што биле осомничените и полициски службеник кој не бил на должност.

Тие испукале неколку рафали кон нив и побегнале а полицискиот службеник пак возвратил на огнот пукајќи од службениот пиштол.

Напаѓачите побегнаа со две возила, а едното – џип „Туарег“ беше најдено по неколку часа целосно изгорено во атарот на селото Арачиново.

Во него беа најдени и двете автоматски пушки со кои беше извршен нападот.