Кучињата скитници ги загрозуваат жителите на Кичево, стотици каснати во тек на една година

16

Присуството на голем број кучиња скитници по улиците на Кичево претставува секојдневна опасност за жителите. Нема ќоше во градот каде нема да налетате на чопор кучиња. Со ова се зголемува и бројот на пријави во полициските станици за напади и каснувања од кучиња скитници.

„Во полициската станица во Кичево, од почетокот на оваа година до сега, регистрирани се 56 напади на кучиња скитници врз луѓе. Во минатата 2020 година имало вкупно 145 регистрирани случаи, додека во претходната 2019 година вкупно 126 случаи“, вели Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи, Охрид.
Граѓаните постојано се чувствуваат загрозени и честопати се мета на напади од кучиња скитници, особено во раните утрински часови кога одат на работа.

Е.П., жителка на Кичево била нападната и касната од куче скитник. Таа вели дека нападот се случил во февруари минатата година и првично го пријавила во полиција. Случајот потоа бил проследен на суд и тоа до Апелациониот суд бидејќи Општината поднела жалба во врска со ова.
Судскиот процес не е завршен и таа сè уште не добила отштета.

На прашањето како го доживеала сето ова и што понатаму очекува од Општината, Е.П. одговара: „За среќа, повредата од каснувањето не беше толку голема, по првата недела ногата почна да се опоравува и болката некако се намали. Немав многу проблеми при одење, но ментално влијаеше доста. Сега се плашам многу повеќе од кучиња отколку пред нападот, и можам да кажам дека оттогаш, освен на многу кратки растојанија, не сум излегувалада пешачам сама. Општината треба да најде решение, како прво да не дозволи да се носат кучиња од други градови, да формира центри за третирање на кучиња скитници или во најмала рака да ги вакцинира. Не само општината, туку и целата држава мора да ја прифати оваа проблематика која ги загрозува животите на граѓаните во скоро секој град.“

Потсетуваме и на трагичниот случај пред четири години, поточно во март 2017 година во селото викано Бачиште, кичевско, кога беше нападнато четиригодишномомче и како резултат на тешки телесни повреди почина во општата болница.

Фатмир Дехари, градоначалник на Кичево, пред извесно време за ТВ21 изјави дека има информација дека во Кичево се носат кучиња скитници од други градови, три пати месечно со камиони. Според неговото мислење, сè додека продолжи оваа практика на транспорт на кучиња скитници од една во друга општина, ни станицата нема да врши работа. Дехари рече дека во декември минатата година општината има добиено грант од над 300 илјади евра и веќе има подготвено проект за згрижување и третирање на кучиња скитници, а исто така, се надева дека од почеток на 2021 година, приближно во март или април, максимум до мај ќе започне применувањето на овој проект. Немаме точни информации дали ова ветување ќе се одржи и дали реализирањето е започнато. Општината одби да даде коментар.
Додека не се најде решение, лицата оштетени од кучиња скитници во некои случаи бараат оштета, а за некои од нив оштетата и се одобрува.


ОБЕШТЕТУВАЊЕТО НА ОШТЕТЕНИТЕ ГРАЃАНИ ЈА ЧИНИ МНОГУ ОПШТИНАТА

Преку пристап до информации од јавен карактер, од оваа институција обезбедивме податоци за вкупниот износ на обештетувањето за изминатите две години. Општина Кичево за 2019 година исплатила 4.962.018 на сметките на граѓаните оштетени од кучиња скитници (над 81 илјади евра). За 2020 година, општината исплатила 5.092.441за истата причина (над 83 илјади евра).

За да се стигне до обештетување, случајот прво мора да се пријави во полиција од граѓанинот кој бил нападнат или каснат од куче скитник. Доколку случајот оди на суд, граѓанинот за физичка болка добива обештетување од околу 35.000 денари, 30.000 денари за преживеаниот страв, 20.000 денари за претрпена душевна болка и 5.000 денари за обезличување. Значи, вкупната сума може да достигне вредност од 90.000 денари.

Со други зборови, вкупната сума што општината ја плаќа за обештетување на оштетени лица е поголема од онаа што се претпоставува дека би биле трошок за работа на центар за третирање на овие кучиња.

ЗДРУЖЕНИЈАТА БАРААТ ЦЕНТРИ ЗА ЗАСОЛНУВАЊЕ

„Грифон“, здружението за заштита на кучињата скитници во Кичево, се сомнева во организирано погубување на кучиња скитници, со цел да се намали нивниот број. Од „Грифон“ велат декакучињата се убиваат незаконски во форма на евтаназија или се носат во други градови откако им се уништени идентификациските чипови. Тие дури и обвинуваат дека не е спроведен ни тендерот за стерилизација на 170 кучиња, за што општината веќе има издвоено средства. Тие велат дека ако стерилизацијата одела според планот, не би имале толку голем број на кученца.

„Минатата година во Кичево имаше 400. Оваа година има 300 пораснати кучиња. Има и 150 мали кои се заштитени од нашето здружение. Требаше да имаме 400 пораснати со 50 мали. Во селата има 200. Дури и таму, бројот се намали, бидејќи минатата година имаше повеќе“, велат од здружението „Грифон“.

Ова здружение предлага итни и хумани решенија.

Општината мора итно да започне со изградба на постојано засолниште за животните скитници, да потпише меморандум за соработка со „Грифон“, Кичево и да се стави крај на хоророт на кичевските улици. Она што здружението го забележало е дека со години проблемот се остава настрана како да единствениот проблем се гладот и болеста на овие животни. Дури и не сакаат да сторат нешто, барем да ги задоволат основните потреби на секоја општина на хуман начин без да уништат било што. Нашите граѓани го заслужуваат ова, но ниту еден градоначалник не го сторил тоа“, велат од здружението „Грифон“.

Недостатокот на соодветни услови за управување со состојбата со кучињата скитници постои и во другите општини во земјата.

(Албина Сефадини & Едлира Садику)