Лајчак, Ескобар и Ховениер во Северна Митровица

16

Посредникот на Европската унија за косовско-српските преговори, Мирослав Лајчак и заменикот помошник државен секретар и специјален пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, заедно со американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер заминаа денеска за Северна Митровица, на средба со претставниците на тамошните Срби, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тие се пречекани од српскиот министер во Владата на Косово, Горан Ракиќ и од градоначалникот на Северна Митровица, Милан Радојевиќ.

Ескобар и Лајчак вчера се сретнаа со претседателката на Косово, Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти, како и со претставниците на најголемите опозициски партии на косовските Албанци, Мемли Красниќи (Демократска партија на Косово), Љумир Абдиџику (Демокртаски сојуз на Косово) и Рамуш Харадинај (Алијанса за иднината на Косово).

Во синоќешната изјава за медиумите во Приштина, европскиот и американскиот емисар изјавија дека не очекуваат ескалација на ситуацијата на 1 септември, кога се очекува да започне примената на одлуката за реципроцитет кон Србија за патните документи и регистерските. Уверување дека нема да придонесат за влошување на состојбата, рекоа тие, добиле и од официјална Приштина и од официјален Белград.

Емисарите на ЕУ и САД престојуваат во Косово, од каде подоцна ќе отпатуваат за Србија, во обид да постигнат договор меѓу двете држави во пресрет на 1 септември, за кога косовските власти најавија дека ќе почнат да ги спроведуваат мерките на реципроцитет кон Србија во однос на регистерските таблички и патните документи.