Лајчак, Шуњог и Барбано: Потребен е видлив напредок за утврдување на судбината на исчезнатите лица од Косово

48

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западниот Балкан, Мирослав Лајчак, шефот на Канцеларијата на ЕУ во Косово, Томаш Шуњог и првиот човек на ЕУЛЕКС, Џовани Пјетро Барбано заеднички повикаа на остварување видлив напредок во утврдување на судбината на 1.616 исчезнати лица од Косово, кои се уште се водат како исчезнати.

Како што соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), тие посочуваат дека целосно го признаваат правото на семејствата на исчезнатите лица да ја знаат вистината за судбината на нивните најблиски, потсетувајќи и дека српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во мај 2023 година ја поддржаа заедничката Декларација за исчезнати лица.

– Треба да се направи многу работа од страна на Косово и Србија за да се обезбеди целосно спроведување на соодветните обврски во областа на исчезнатите лица и да се зајакне соработката во идентификувањето на гробниците и извршување на ископувања, порача Лајчак.

Тој додаде дека Декларацијата за исчезнати лица има за цел да ја поддржи работата и напорите на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, да ја олесни соработката на двете страни за идентификација на исчезнати лица и предвидува формирање на Мешовита комисија со која претседава Европската унија.

Упатувајќи им поддршка на семејствата кои се уште не ја знаат судбината на нивните најблиски, евроамбасадорот Шуњог, ја истакна потребата да се слушне гласот на семејствата на исчезнатите лица.

– Со цел да ги стави членовите на семејствата на исчезнатите во првите редови на оваа дискусија и да ја подигне свеста кај јавноста за ова чувствително прашање, ЕУ финансираше успешен проект спроведен од Фондот за хуманитарно право Косово, заедно со Косово 2.0, кој резултираше со јавно достапен извештај фокусирани на предизвиците во пронаоѓањето на исчезнатите лица, посочи Шуњог.

Тој потсети и дека ЕУ организираше серија курсеви за обука на персоналот на Косовскиот институт за судска медицина, како клучна институција за расветлување на судбината на исчезнатите лица и обезбеди опрема неопходна за неговото работење.

Шефот на Мисијата на Европската Унија за владеење на правото во Косово, Барбано, пак, истакна дека експертите на ЕУЛЕКС продолжуваат да работат заедно со нивните косовски колеги од Институтот за судска медицина за утврдување на судбината на исчезнатите лица, нудејќи експертиза и совети за идентификација на тајните гробници, нивна ексхумација и идентификација на жртвите.

– Од почетокот на мандатот на ЕУЛЕКС до денес, Мисијата спроведе 746 теренски операции за лоцирање на исчезнати лица, вклучително и 200 ексхумации. Идентификувани се останките на 492 лица, меѓу кои и 339 исчезнати. Остануваме посветени да ја продолжиме оваа работа и да им дадеме одговори на семејствата на исчезнатите лица, додаде Барбано.