Лога изненаден од изјавата на Јолевски дека нема право да го бара записникот од Судскиот совет

6

Министерот за правда Кренар Лога е изненаден од изјавата на претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски и вели дека не очекувал од висок претставник на судската власт кој треба да ги знае Уставот и законите, во јавноста да кажува дека министерот за правда нема право да го бара записникот од Судскиот совет.

Министерот за правда, како што е посочено во пишаната реакција на Лога, согласно Уставот е член на Судскиот совет по функција. Судскиот совет редовно го поканува министерот за присуство на седниците и испраќа извештаи за својата работа.

-Членот 15 од Деловникот предвидува дека  записникот покрај останатите податоци содржи податоци за дневниот ред што е утврден на седницата, наводите, изјаснувањата и предлозите на присутните на седницата, спроведената расправа, донесените одлуки и резултатот од гласањето.  Записникот се разгледува и усвојува на седница на Советот, а по евентуални забелешки, Советот донесува заклучок кој што е составен дел на записникот на кој се однесувала забелешката. Усвоениот записник од седницата на Советот го потпишуваат претседтаелот на Советот и генералниот секретар, односно лицето што го водело записникот. Судскиот совет има обрска примерок од записникот да достави до членовите на Судскиот совет по електронски пат, се наведува во реакцијата на Лога.

Министерот за правда, како што се посочува, како член на Судскиот совет има право да реагира и да бара  исполнување на обврската за доставување на Записник од седница на Судски совет.

– До овој момент до Министерството за правда се уште не е пристигнат одговор на писмениот допис  од Судскиот совет  со кој се бараше да се достават на увид Записникот од 438-та седница и усвоениот дневен ред. Министерството за правда и јас како министер со големо внимание ги следиме состојбите во судството и обвинителството и во оваа насока увидот ќе ни помогне во определување на правецот во  кој е потребно да се движат законските измени за  отстранување на сите  недоследности во функција на обезбедување на владеење на правото и реформи во правосудството. Очекуваме во најскоро време да се надмине ситуацијата во Судскиот совет и тој да претставува орган кој ќе го штити а не нарушува угледот на судството, се посочува во реакцијата.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски синоќа во гостување во емисијата „10 Минути“ на ТВ21 рече дека министерот за правда Кренар Лога нема право да го бара записникот од Судскиот совет.

-Министерството за правда е извршна власт и не треба да се меша со судската власт.Според мене, министерот за правда нема овластување во делот на судската власт, а дали ќе му биде овозможено или дадено, сепак тоа е работа на Судскиот совет, вели Јолевски.