Лукашенко со пушка и во хеликоптер пристигна во претседателската резиденција во Минск

28

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко веќе две недели се соочува со масовни протести на незадоволни граѓани. Вчера имаше над 200.000 демонстранти пред неговата резиденција, а Лукашенко се обиде да се претстави како бестрашен лидер против кого никој не протестира.

Од кабинетот на белорускиот претседател објавија видео на кое се гледа како Лукашенко со пушка во рацете доаѓа во претседателската резиденција во Минск. Со оваа снимка прес-службата на првиот човек на Белорусија се обиде да ги демантира првобитните наводи дека Лукашенко со хеликоптер стигнал пред Палатата на независноста за да биде евакуиран, но и дека не се плаши од протестите.


Информацијата од неговиот кабинет е дека претседателот не е евакуиран, туку со хеликоптер пристигнал во резиденцијата. На видеото се гледа како во рацете носи пушка и опремен е со панцир.

Лукашенко веќе 26 години е на чело на Белорусија, а за да им стави крај на протестите нареди ангажирање на војската и примена на најстроги мерки, како и затворање на фабрики каде работат дел од демонстрантите.