Македонците во Канада организираат дорителска вечер за помош на манастирот „Света Марена“ во Туминец, Мала Преспа

1

 

Македонската црква „Света Недела“ од Канада, на 28 месецов организира донаторска вечер со цел да се соберат средства за манастирот „Света Марена“ во село Туминец, општина Пустец, Мала Преспа.

Селото Туминец е едно од деветте населени места во Мала Преспа, кое се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење-Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители.

-На езерскиот брег се наоѓа и манастирот Света великомаченица Марина,  Марена – Огнена Марија во којшто се чуваат поголем дел од моштите на светицата, а каде сè уште се случуваат чуда над нејзините мошти. Манастирот датира од 18 век а обновен е 1926 година. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро, локација која самата по себе дава дополнителна убавина и привлечност. Лоциран на 50-тина метри од брегот, изграден како малечко манастирче од земја и кал, го преживеал режимот на комунизмот и  забраните за прослави. Сега благодарение на благочестивите верници, селаните од ова и околните села кои се организираа со намера да го добие потребниот лик, изјавил за весникот „Македонија“ од Канада, Леко Вурмоски од Туминец, член на одборот за одржување на манастирот „Св.Марена“.

Тој со нескриено задоволство и радост зборува и за „голема љубовта на Македонците не само од Албанија, туку и од Република Македонија кон ова свето место“.

-Секоја година на 30 јули кога се слави патронот на манастирот  имаме многу гости, верници од Мала Преспа, дијаспората, од Лерин, Охрид, Струга, Ресен, Прилеп, а жива музика каниме дури од Битола. На прославата на патронот во 2018 година специјален гостин беше тогашниот албански претседател Илир Мета кој придружуван од претставници на локалната власт на Пустец и лидерот на МАЕИ, го посети ова свето  место. Вие сте прекра заедница, мирољубива и трудољубива, која заслужува една подобра иднина. За Преспа, за Албанија, за Македонија и за нашиот прекрасен соживот. Убавини и добрини секогаш, рече Мета, посочува Вурмоски.

Потсетува дека поздравувајќи ги присутните верници, Мета, тогaш нагласил дека „меѓу Македонците е со посебен повод и огромно е задоволство да се види толку многу народ, посебно толку многу млади, кои ги негуваат традициите, кои некогаш беа забранети, млади кои сега гледаат со толку верба во иднината“.

-Среќни сме на донацијата од градот Прилеп за сончевите палети, а исто така изразуваме голема благодарност до Насте Граждани од Горна Горица, кој живее во Канада кој комплетно опреми две манастирски соби, нова кујна и многу помогна во реновирањето на манастирот што е во тек. Во моментов најпотребно ни е тракторче  за да можеме непречено да ги пренесуваме градежните материјали, затоа што патот е тешко прооден, а материјалите кои стигнуваат со кајче по Преспанското Езеро да не мора да ги носат на рамења и до 300 метра, вели Вурмоски.

Според неговите зборови, во манастирските дворови е потребен магацин за чување на материјалите, како и средства за плаќање на работниците кои се ангажирани за реновирањето.

Тој им се обраќа на сите Македонци од Канада особено Македонците со потекло од Мала Преспа да помогнат во намерата манастирот „Света Марена“ да го добие својот конечен лик и да ја сочува својата светост, да остане за генерациите кои доаѓаат, пишува весникот „Македонија“.